Мусака маст сака!

17

Многу пати ми се случило на гости за ручек да ме понудат со мусака. За мене од детство до денес било едно од омилените јадења. Но најчесто се радувам пред време. Тоа што го добивам во тањирот е печен компир исечен тенко врз кој има нафрлано мелено месо (помалку или повеќе). Некогаш во два реда некогаш во три реда. Задолжително понекој изгорен крај од компир. А вкусот, хм, за вкусовите не се зборува. Ако ручекот се случува кај блиски роднини јадам салата, пијам понекоја пред ручек, мезам што подолго можам и го одлагам главното јадење. Ако пак мусаката ја нудат непознати или подалечни со нетрпение чекам да ја донесат и ништо не ставам во уста пред да ја вкусам и да ја одмерам. Сето ова не е случајно, а не е и хировито. Мусаката ми е омилено јадење. Омилена ми е и за подготвување.

musaka_1Мусаката се подготвува во печка (рерна, фурна..) Сум испекол преку 150 пати големи и мали тави со мусака. Ја подготвувам и кога имам и кога немам зајре. Ама без компир не можело! Како да не! Или пак без мелено месо не можело!? Пих! Ја подготвувам како сакам. Домашните прсти лижат, празнат тањири и бараат репете. Тајната е во зејтинот. Маслото ја прави мусаката сочна и хомогена. Ќе ви кажам како ја подготвувам и ве уверувам дека за да ви биде погодена не штедете зејтин. Како што велат старите: „Мусака маст сака“, па додаваат и уште нешто…

За подготовка на Мусака а ла муа,  потребно е: компири, тиквичка, модар патлиџан, кромид, мелено месо, јајце, млеко, сол, бибер, солен зачин (вегета, зачинал или др) и се разбира масло.

На тивок оган го пропржуваме меленото месо и кромидот, а додаваме сол и бибер. (Во последно време се научив тоа да го правам во микробранова печка). Во меѓувреме во намастена тава редам лупен компир исечен на ленти. Врз него редам модар патлиџан излупен и исечен на кругови. Истурам масло го посолувам и додавам од подготвеното месо. Па врз него редам од тиквичката исечена на кругови. Повторно зејтин, сол и бибер, па месо, па тоа што останало, па најгоре повторно компир, па масло (зејтин). Се пече во загреана рерна на 200 степени, 25 – 30 минути. Потоа се вади и се додава изматено јајце и млеко во количина доволна да ја поктие убаво горната површина и уште малку повеќе да впие надолу. Тука се прави трикот со притискање на сета смеса од горе рамномерно и внимателно да не се изгорете. Убаво е и рендан пармезан да се испрска од горе. Се пече уште 15 минути, а потоа се гаси рерната и се остава мусаката во неа да стивне уште 15-20 мин. И тоа е се.

А за варијации на тема: ова јадам ова не јадам важи правилото ред зеленчук – ред масло. Сум приготвувал мусака и со боранија и без месо – вегетаријанска. Ќе ви предложам уште еден рецепт: Претходно варениот компир го сечете на кругови го редите во огноотпорен сад и врз него ставате раситнето сирење, па компири, па сирење и така до горе да остане компир. Поливате масло и печете во рерна додека компирот не се запече. Потоа матите 2-3 јајца и млеко, поливате и печете. Вкупно печењето да е 30 мин.

За сите мусаки важи правилото: приготви со љубов јади со мерка!

SHARE