Цигара пауза

204
Пишува: Филип Спировски

Filip Spirovski_1Додека ја читам иницијативата за измена на законот за пушење, во еден ходник од клиничкиот центар, мојот непогрешлив нос осети дим од цигара кој упатуваше на една од затворените врати потпишани со докторовото презиме и титула. Од неа излезе хигиеничарката и брзо ја затвори вратата. Димот набрзина излезе од отворениот прозорец на собата. Знаев: никој не ги почитува законите!

Првите десет години од последниов милениум и кампањите против пушењето дадоа резултат во вид на закон за забрана на пушење во јавни простори. Законот стартуваше 2010. Од тогаш до денес триковите за заобиколување на законот се во постојан пораст. Во земјите кои пушењето го доведоа до култ (преку реклами и кампањи) законот за забрана се почитуваше бидејќи системот не овозможуваше поинаку. Тешко е да излезеш на цигара пауза симнувајќи се од педесетишестиот кат неколку пати на ден. Па затоа поисплативо е да ги откажеш цигарите.

На нашиве простори паузата за цигара која често се врзува со пиење на кафе е замислена да се примени во посебни простории надвор од зградите читај најчесто на отворено. Ова секако не важи за институциите на државата: судовите, министерствата и јавните претпријатија. Таму се пуши внатре, а најчеста заштита е евентуално отворениот прозорец. Во најголем број на случаи канцелариите на директорите и раководителите се зона дозволена за пушење. Таму никој ништо не ти може.

Најголема штета од законот претрпеа угостителските објекти, т.е. сопствениците на објектите. Мораа да изградат пристории – тераси, пропишани со закон кој повторно не се почитуваше и терасите се претвораа во затворени простории во кои се случуваше се. Објектот кој првобитно претставувал угостителски ја губи намената и се се одвива на објектите – тераси наместо внатре. На нив заработка остваруваа градот и општината наплатувајќи им искористена јавна површина.

Овој куп на закони и прописи со цел да се намали штетното влијание на цигарите не донесе ништо спектакуларно. И понатаму десетина килограми на цигари по глава на пушач во Македонија, се причина да се изнајдат други мерки за заштита од штетното влијание на цигарите. Во Скопје најштетно влијание од индустријата за цигари има од Монополот среде град. Штетното влијание на отровите кои излегуваат од оџаците може да се осети од Кисела вода до Аеродром, а најизразено е во населбата Мичурин, 11 Октомври и Центар. Жолтите отрови опишани во Рациновата Ленка ги трујат белите дробови на скопјани уште пред да запалат цигара. Но за ова никој не го боли глава.

Предлогот за измена на законот за пушење и воведување на „либерализација“ во изборот кој каде ќе пуши, на прв поглед изгледа како реваншизам и уривање на постигнатите придобивки. Но не е баш така. Ако се следат приоритетите и се почитува законот, а и основниот бон тон и при тоа да се внимава на вентилацијата, климатизацијата и човековото право на избор, тогаш драконскиот закон за забрана на пушење на јавни места треба да се промени. Треба да се дозволи пушење во меаните и кафулињата, а најстрого да се забрани во институциите.

Не е исто да пушиш цигари во болница или во кафеана.