Српскиот филм „Реквием за г-ѓа Ј“ покренува едно многу силно и многу актуелно прашање на овие балкански простори, а особено во земјите на поранешна Југославија, за смислата на животот. Тоа можеби звучи како нешто постојано присутно и толку употребувано, но дефинитивно не на овој начин. Има разлика во тоа да ја барате смислата на своето живеење или смислата на животот, воопшто, од тоа кога ја барате загубената смисла во остатоците на една распадната земја, во уништените вредности и критериуми, во остатоците на она што некогаш бил вашиот живот, но и во никулците околу вас кои го имаат истото тоа право.

„Што понатаму“, е вистинското прашање со кое се судира Јелена во овој филм, како да гледате на она во кое толку вложивте, а сега го нема, како да гледате на фактот што за иднина не станува ни збор. Во време кога човек треба да ги собира своите плодови, вие наеднаш се наоѓате на почетокот, и тоа не обичен почеток, туку натоварен со минатото кое веќе нема никаква вредност, натоварен со сегашноста, во која место да дава, треба да живее од милостина, натоварен со иднината за себе и за своите блиски која се претвори во куп урнатини, на кои допрва нешто треба да се гради…

Rekviem za gospoga J 2Филмот на младиот Бојан Вулетиќ, кој ја имаше својата светска премиера во Берлин и каде што доби доста добри критики (како онаа на Стивен Далтон во „Холивуд репортер“, доста цитирана кај нас), успева на навидум многу едноставен начин да ја долови целата депресија, беспомошност и безживотност со која се соочуваме како последица на толку долгата транзиција во овие земји. Јелена е вдовица, која има две ќерки, а по 35 години останува без работа. Нејзиниот свет е целосно урнат, нејзиниот очај е толку голем што станува бесчувствителна за се што се случува покрај неа, не можејќи да го најде во себе мотивот, ниту целта кон која би се движел нејзиниот пат. Излезот Јелена го гледа единствено во смртта и се чини никој и ништо не може тоа да го измени.

Рамнодушноста и апатијата се насекаде околу неа, барем таа така го доживува светот околу себе. Интересна е таа замисла на авторот да проговори за монотонијата и целото сивило со кое таа е опкружена, не одредувајќи ја границата каде што светот сепак продолжува понатаму. Од една страна, на тој начин авторот ја потенцира целата бесмисла, болка и отапеност, кои Јелена ги чувствува, но од друга страна, создава и малку чуден свет во кој сите други се статисти. Мора да кажеме дека потенцирањето на депресијата и очајот на тој начин е малку повеќе пренагласен, создавајќи чувство на тенденциозност и на одземање на било какво неминовно пулсирање на животот.

Штета, бидејќи таквото реално пулсирање и постоење не би му одзело на филмот, напротив, депресијата на тој начин може да биде уште понагласена. Вака се исцртува еден свет кој публиката од овие земји можеби може лесно да го разбере, но не и луѓето однадвор, бидејќи не ја добиваат комплетната слика, ниту повеќе информации за да можат тоа да го доживеат и да допре до нив на вистинскиот начин. Што не значи дека филмот не е добар, но во еден дел останува затворен, локален и недоволно јасен за оние кои го немаат тоа искуство.

Иако, од друга страна, инсистирајќи на едноставноста и поетскиот пристап во поглед на визуелниот дел, авторот сепак успева да ја долови универзалноста. И тоа, пред се, заради темата која е толку човечка, толку хумана, хуморот е горчлив, но симпатичен, а приказната искрена и вистинска. Како да се живее понатаму во урнатините духовни и морални, како да се најде светлината, освен во своите соништа, како да се најде смислата во нешто што веќе и не е живот, туку преживување.

Rekviem za gospoga J 1Во семејството, се разбира, во коренот, во љубовта, во приврзаноста, во грижата, но избегнувајќи ја патетиката. Многу мудро и интелигентно Вулетиќ си поигрува со апсурдот во една земја во која не можете прописно ни да се убиете. Бирократијата останува иста, наспроти новите фирми кои совршено функционираат токму користејќи го целиот апсурд кој стана толку „нормален “ дел од нашето живеење.

Вулетиќ се чини на најдобар начин ја продолжува поновата традиција на српската школа, која ја карактеризира таа едноставност во приодот, реалност, природност, раскажување на приказни преземени од соседството. Во поглед на снимањето тој е неверојатно инвентивен токму во едноставноста, одлично вклопувајќи ја приказната во рамките на истоветниот кадар во куќата, како и во оној на улицата по која секојдневно минува главната протагонистка, доловувајќи го она чувство на испразност и бесцелност кое толку длабоко го чувствува Јелена. И иако пејзажот и сликата е монотона, речиси безбојна, иако на моменти го покажува целиот распад околу нас, таа сепак носи живот, живот кој се одигрува некаде во тој меѓупростор, во таа празнина во ликот на Јелена, кој е многу повеќе симболичен, исцртувајќи ја сликата на цела една генерација, на цел еден народ, исцртувајќи ја сликата на едно време, на човекот чиј живот, сепак, не завршува тука.

Промената кај Јелена е неминовна, тоа е онаа универзална нишка, тоа е она кон што тежнееме, тоа е она светло во кое секогаш тлее надежта. Впрочем, ниеден живот не е сам за себе. Песната на крајот доаѓа толку природно, и како некое надополнување, и како некоја космичка правда, и како некоја можеби помалку и нејасна верба која сепак ги движи работите, ја движи сликата. Не движи нас. Сугестивна фотографија на Јелена Станковиќ и одлично вклопена монтажа на Владимир Павловски, кои успеваат да внесат движење и онаму каде што нема, а особено добар е изборот на звукот, без музика, кој ја надополнува сликата со една реалистичност, со една исклучителна чувственост и автентичност.

Мирјана Карановиќ како Јелена е маестрална, а многу природни и симпатични се Јована Гавриловиќ и Даница Недељковиќ во улогите на нејзините ќерки, кои му даваат таква игривост на филмот, како и мајсторот Борис Исаковиќ, кој ја внесува целата жестокот, срченост и обид да се биде и она што не е во целото тоа лудило. „Реквием за г-ѓа Ј“, во кој Македонија е копродуцент, е филм за нашите животи кои се фатени во апсурдниот тек на историјата. Тоа е филм кој е локален но и универзален, зборува за она што ни е заедничко на сите макар и кога целиот свет околу вас ќе се распадне. Смислата е онаа која му го дава на човекот чувството на живот каде и да е, смислата е онаа која не движи напред и без која би го загубиле човечното во човекот. Затоа овој филм допира, затоа што зборува за суштинските вредности кои на крајот, сепак, го издигнуваат над локалното.

Сунчица Уневска