„Светиот Синод на Бугарската православна црква одлучи дека, со оглед на тоа што Македонската православна црква (МПЦ) ја признава БПЦ – Бугарска патријаршија за своја Мајка-црква, БПЦ со чувство за својата света должност, ја прифаќа одговорноста да покаже целосно содејство, со тоа што ќе посредува и ќе се застапува пред помесните православни цркви, преземајќи сè што е неопходно за востановување на канонскиот статус на МПЦ“, се вели на штотуку објавената одлуката на Светиот синод на БПЦ, а како одговор на писмото кое МПЦ-ОА и го упати на 9 ноември.

Во соопштението не е истакнато дека БПЦ ја признава МПЦ за своја Ќерка-црква, туку дека ќе ја застапува МПЦ-ОА пред православните цркви, за утврдување на нејзиниот канонскиот статус. Ова следи откако бугарскиот патријарх Неофит и пред денешното заседание на БПЦ најави вакво решение, изјавувајќи дека треба да биде прифатена подадената рака од Македонија.

Македонската православна црква и покрај тоа што прогласи автокефалност пред 50 години, во 1967 година, поради спорот со Српската православна црква  не е призната нејзината автокефалност од другите православни цркви.