Централниот комитет на ВМРО – ДПМНЕ заврши, но, по се изгледа не и приказната околу оставката на претседателот на партијата, Никола Груевски. Имено, во недостаток на официјално соопштение  се шират две различни верзии, а единствено иста е информацијата дека лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски, поднел неотповиклива оставка.

Според едната верзија поголем дел од членовите на ЦК  не прифатиле да се оди на Конгрес за избор на нов лидер. Според непотврдени информации само триесетина членови на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ гласале “за“ оставката на Никола Груевски и одржување на вонреден Конгрес, додека другите биле против, односно се изјасниле дека не се согласуваат со неговата оставка. Оваа информација ја објави и А1он, но набргу потоа информацијата беше избришана од нивниот сајт.

Според другата верзија, Груевски веќе замина во историјата, откако била прифатена неговата оставка со само еден глас против. Извори од ВМРО ДПМНЕ информираат дека  на 23 Декември во Валандово ќе се одржи вондредно Собрание на партијата на кое ќе се избира нов лидер. За наследник на Груевски се се споменуваат неколку имиња, а освен Филип Петрески кој ја најави својата кандидатура, се споменуваат и имињата на Антонио Милошоски, Илија Димовски и актуелниот генерален секретар на партијата, Христијан Мицковски и Александар Пандов.

При ваква нејасна ситуација, извори за А1он посочуваат дека се работи за две можни сценарија, едното е останување на Никола Груевски на сегашната позиција, а второто е без Конгрес ВМРО-ДПМНЕ да добие нов в.д. лидер. Со тоа Груевски би имал повторно контрола на партијата, и време да се рехабилитира и да се врати на првата позиција на следен конгрес.