Во сферата на фолк музиката неколку години твориш и создаваш песни. Да почнеме од прашањето каде и кога беше твојот прв јавен настап?

-Одамна сум на сцената, кога ќе се направи еден биланс се бројат 20 години  со музика. Освен  што сум пејач, јас свирам и на тапани. Моите први музички настапи беа на една музичка манифестација,која се викаше „Најдобар глас“. Сеуште постои таа манифестација, само со смален интензитет, а тоа значи дека порано имаше некаде по 10 песни фолк и по 10 забавни песни, сега веќе фолк композиции и речиси нема. Порано се свиреше со цел оркестар во спортската сала „Младост“ во Неготино, а сега се одржува во помал простор, во киното.

Колку песни досега имаш снимено, и колку фестивалски настапи остварено?

-Досега имам снимено 15 авторски песни, и 10 стари македонски. Имам учествувано на неколку фестивали, да ги издвојам „Гоце фест 2001“, „Валандово 2002“, „Филиграни 2010“, каде земав награда за најдобар дебитант, „Филиграни 2013“, и на „Канео фест“ неколку пати.

На почеток, главната поддршка дојде од продукцијата Вани Мјузик, ти поддаде рака искусен музичар и продуцент, кој твори во Македонија и Британија. Што значеше за тебе таа поддршка?

-Па, можам да кажам дека јас со Диџеј Вани се познавам уште од многу одамна, затоа што сме од исто место, Неготино. Соработката со Вани е преточена само во една рап песна, каде јас пеам српски рефрен, а во строфите има американски рап. Диџеј Вани целосно ја создаде таа песна и ми ја подари како поддршка за мојата кариера.

Интересно е што фолк пејач запеал и рап. Ајде да се навратиме на самите почетоци.

-Кога почнував, најпрво  снимав повеќе песни во Прилеп кај Жарко Точакот, со Гоце Костовски Пејакот. Со Гоце направивме 8 песни во 1999 година. На фестивалот „Гоце фест“ во 2001 настапив со песната „Да сум сокол“ од Тодор Трајчевски, со текст на Орце Зафировски. Потоа следната, 2002 година, на „Фолк фест Валандово“ ја испеав песната „Се за тебе“, од Пејакот. На „Филиграни 2010“ испеав песна од Драги Станков и  Натка Анчева. Кога сме кај Драги Станков можам да кажам дека со него снимавме цело цд со стари македонски песни, а со тој композитор исто така имам снимано и една прекрасна песна која се вика „За овој весел народ“, на текст на Валентина Николова.

Фестивалите ти се омилен мегдан за докажување. На кои други си настапил?

-Во 2013 настапив на фестивалот „Филиграни“ со песната „Кој ти љуби усни врели“, убава песна на текст на Мијалче Стојанов од познатата група „Xумбус“. Песната ја снимавме кај Аце Ѓорјевиќ во Кавадарци. Потоа имав настап на „Канео фест 2014“, со песната „Ајде врати се“, на прекрасен текст што го напиша Драгица Талевска Раковиќ, а аранжманот го направи Оливер Глигоров. На „Канео 2015“ настапив само како гостин во ревијалниот дел, а на таа сцена годинава ја испеа и „Песна за Веле“, но во забавниот дел, што е нешто ново за мене.

Имаш снимено и песни на српски јазик.

-Имам снимано и неколку песни на српски јазик, првата песна е работена со Пејакот уште во 1999 година, насловена „Несретан сам несретан“, потоа ова година имам песна која се вика „Тамара“ а е работена со музика и текст на Ристо Минов и аранжман на Лазе Ѓоргиев.

Песна за Веле, со која освои награда на Канео фест, се слуша по радијата во источна Македонија. Дали е направена според вистинска или „измислена“ инспирација?

-Да, баш наменска. Постои еден наш пријател кој се вика Веле Иванов, па Ристо Минов му направи песна, само требаше да се најде пејач кој ќе ја пее. Па решивме јас да ја испеам. Ја снимивме кај Мартин Андов во Неготино. Песната има нешто интересно и лесна е за памтење.

Што е според тебе е најважно за една песна да стане хит?

-За една песна да стане хит најважни се неколку фактори, во песната или мораш да погодиш добар текст за да слушателот се пронајде во него, или добра музика за памтење, а ако песната е со добар текст и добра музика и сето тоа се склопи со добар аранжман, мислам дека има добри услови да стане песната хит. Но секако дека треба да има многу маркетинг, дури може да се каже дека некоја песна и да е лоша ако има добар маркетинг мислам дека може да побуди некоја слушаност.

Го очекуваш допрва својот вистински хит?

-Па знаеш како, хит се случува случајно, не знам дали воопшто хит се продава, но денеска пејачите одат на сигурна варијанта, па преработуваат песни од соседството. Но, смеам да се пошегувам на своја сметка – ни јас не сум ништо поарен. И јас тоа го правам. Слушам секаков вид на музика, покрај македонска, но слушам и од соседството што обично од колегите не признаваат, иако на свирки ја изведуваат музика од соседството. Музиката е лек за лошо расположение. Јас музика слушам речиси цело време и баш ме опушта и релаксира.

Дали се поврзуваш емотивно со песните кои ги пееш?

-О, мислам дека ме погоди со прашањето, ова особено важи за песните кога ги пеам на живите настапи. Можам да кажам дека посебно се врзувам за песни што имаат добар текст, посебно ги сакам баладите, па еве да ви откријам наскоро да снимам една добра балада, со наслов „Не оди, остани“, што ја потпишува Атиљан Мамудоски од Прилеп. Најмногу ме погодува песна со тажен текст.

24273343_10155921883274264_1674235425_nДали би се пријавил на некоја од реалните шоуа, со кои би постигнал поголема популарност?

-Идејата не звучи лошо, сите познати пејачи кои биле на такви шоуа станаа популарни, но јас работам и државна работа, две децении, па некако немам време за такво нешто големо.

Имаш ли понуди за настапи во Македонија? Каков е интересот на публиката од дијаспората?

-Со настапи повеќе сум по тиквешкиот регион Неготино и Кавадарци и околината. Кога ја спомнуваме дијаспората, да кажам сеуште немам пеено надвор од Македонија, но би сакал, зошто да не. Инаку, да не заборавам, јас почнав да пеам во 1995 година во групата, која прво се викаше „Тамара“, и тогаш бевме и најпопуларни. Пеевме низ цела Македонија. Потоа групата доби ново име „Неготински мерак“. Неколку години пеев во групата, но и тропав на тапани. Имам доста музичко искуство. Сега добро би ми дошол и еден менаџер кој ќе ми организира настапи, во земјава и пошироко.

Кои се твоите планови за наредниот период ?

-Мои следни планови се како што спомнав нова песна балада, и мислам дека ќе стигнам да ја снимам и отпеам за новогодишната програма во Охрид за „Тв Морис“. На крај моја порака е: слушајте добра песна не е важно од каде е песната, од која земја, само да ги гали вашите срца и душа.