Европскиот авијациски концерн „Ербас“, британски „Ролс-Ројс“ и германски „Сименс“ најавија соработка за развој на технологија за хибридни авиони, како дел од иницијативите за намалување на емисиите на штетни гасови во воздухопловството, пишуваат британските медиуми.

Првата фаза од програмата „Е Фан-Х“ предвидува инсталирање на електричен мотор со три млазни мотори на авионот BAe146, објави „Би-би-си“. Секој партнер во програмата ќе инвестира десетици милиони фунти, соопштено им е на новинарите на телеконференција. Компаниите ќе развиваат хибридна технологија, бидејќи електрични мотори за авионите во моментов не се можни, рече портпаролката на проектот. Ограничувачките фактори моментално се тежината на батеријата на која се надоврзува тежината на опремата за ладење на електричните мотори, објаснува таа.

„Хибридно-електричниот погон според нашата проценка е оптимална технологија за иднината на воздухопловството“, рече технолошкиот директор на „Ербас“ Пол Еременко.

„Ролс-Ројс“ ќе произведе агрегат на платформата на авионот „Е Фан-Х“ кој ќе користи млазен погон и ќе произведува енергија за електричниот мотор. Секој вишок енергија од генераторот ќе биде зачуван во батерии во предниот и задниот дел на авионот и ќе се користи за полетување и слетување.

Програмата „Е-Фан“ беше лансирана во 2012 година, со соработка на „Ербас“ и „Ролс-Ројс“. Компаниите планираат лет на прототип авионот не подоцна од 2020 година, а комерцијална примена е предвидена најдоцна до 2030 година. Натпреварот во развојот на електромотори за авиони го поттикна Европската унија со барање за намалување на загадувањето на животната средина во воздухопловството. Како дел од планот „Flightpath 2050“ Европската комисија сака да се намалат емисиите на јаглерод диоксид за 60 проценти, загадувањето со азотни оксиди за 90 проценти и бучавата за 75 проценти.