Во рамките на резиденцијалната програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа Готен, а под покровителство на Европската мрежа за книжевност и книги Традуки, во Скопје во втората половина на ноември и првата половина на декември престојува писателката од Косово Елифе Красниќи.

Како заокружување на нејзиниот резиденцијален престој во Македонија, во вторник (12 декември) со почеток во 19 часот, во културниот центар „Лоја“ во Тетово ќе се одржи книжевна вечер со Красниќи.

Во рамки на вечерта ќе биде претставено книжевното творештво на Красниќи и дел од нејзините теориски преокупации. Исто така, таа ќе прочита избор од нејзиното поетско творештво.

Елифе Красниќи е социолог, антрополог, поетеса и драмски автор. Завршила социологија на Универзитетот во Приштина, а магистрирала социологија на Новата школа за општествени истражувања во Њујорк, САД. Моментално е на докторски студии на Катедрата за историја и антропологија на Југоисточна Европа на Универзитетот Карл Франценс во Грац, Австрија. Нејзините главни теориски интереси се однесуваат на истражувањето на семејните односи, заедничката меморија, општествената историја, како и прашањата поврзани со родот и феминизмот. Учествувала во бројни регионални и меѓународни академски конференции.

Целта на резиденцијалната програма „Апсолутно модерен“ е авторите подлабоко да се запознаат со книжевната, интелектуалната и културната сцена во Скопје продлабочувајќи ги своите контакти и развивајќи ја соработката со македонската книжевност и култура. Авторите во Скопје работат на своите дела или преводи, посетуваат културни настани, организации и институции. За време на престојот во Скопје Елифе Красниќи работеше на својата поетска книга, која наскоро треба да излезе во Косово.