Македонската агенција за филм се претвори во МИА

225

Заврши 70. Кански филмски фестивал. Настан од светски ранг, настан кој е дефинитивно во врвот на светската филмска индустрија. Не случајно, секоја година во Кан доаѓаат речиси 5.000 новинари од целиот свет за да ги покријат случувањата на ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ. Официјалните случувања на фестивалот, програмата односно филмовите, за кои потоа цела година се зборува, прес-конференциите, разговорите со авторите, новите тенденции, новите филмски ракописи итн, итн.

Но, тоа не важи и за нас. Главниот настан во нашата земја неколку години наназад се случувањата на филмскиот маркет односно на индустрискиот дел, оној дел кој се смета за бизнис и каде што се одвиваат средби, контакти, договори со продажни агенти, дистрибутери, продукциски куќи, филмски фестивали. Освен оние што ги интересира филмскиот бизнис и оние кои имаат интерес таму да го протуркаат својот проект, се друго и сите очи се вперени на она што се вика КАНСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ. Но, некако ние тоа не го разбираме. На нашата земја и на нашите медиуми воопшто не им е важно ние таму да имаме дописници, а и зошто ни е кога Агенцијата за филм си мисли дека она може да ни праќа извештаи, па и да се претвори во новинска агенција и да не известува за сите настани, во чиј средишен центар е самата Агенција. И тоа е доволно, барем за нашите медиуми, а уште повеќе за нашата „филмска елита“ која располага со сите пари што се вложуваат во филмот во нашата земја.

Навистина, да не е трагично ова ќе биде смешно, или обратно…

НАЈВАЖНО Е ШТО НАШИТЕ ПАРТИСКИ ВОЈНИЦИ ПРАВАТ ВО КАН

Што дозна нашата публика за Филмскиот фестивал во Кан, а особено за неговото значење. Дали некој тука знае кои филмови беа прикажани таму и кои најзначајни автори и дела го одбележаа Фестивалот. Не, логиката на нашата Агенција за филм и Министерство за култура е – дека не е важен Кан, важно е што нашите партиски војници прават во Кан. И откако директорот на Агенцијата, Дарко Башески беше заменет со Дарко Башески (читај Мими Ѓоргоска – Илиевска), се разбира, се остана исто. Во нашата земја е најважно да се вложат пари за Агенцијата да се претстави на маркетот во Кан и да покаже колку голема работа таа прави дома и надвор, кога станува збор за македонскиот филм. Па, не е важен Канскиот фестивал, најважно е колку „големо“ претставување во Кан има Македонската агенција, кој дошол на нашиот штанд и со кого се сретнала директорката на Агенцијата.

Впрочем, ова можеби и не треба да не чуди, партијата во заминување во сите области работеше по истиот принцип – по принципот светот тргнува од нас и видете што ние направивме за Македонија и за македонските граѓани. Се што не е подобно и што нема да ги величи нивните придобивки не е пожелно.

ПРОДАВАЊЕ МАГЛА

Но, ајде што Агенцијата за филм се претвори во МИА на македонскава новинска и филмска сцена, туку тоа што ги дуваат работите и од мува прават слон, тоа што пишуваат неточности и небулози и го заведуваат народот, тоа што, исто како и нивниот лидер Груевски, мислат дека треба да ни кажат со кого се среќаваат и пијат кафе, и тоа што ЗА СИТЕ МОЖНИ ПРОЕКТИ ВО МАКЕДОНИЈА Е ЗАДОЛЖИТЕЛНО ДА БИДЕ ИСТАКНАТО ДЕКА ГИ ПОДДРЖАЛА АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ, небаре го открија светот. Во се што се случува во филмот во Македонија најважно е да е потенцирана Агенцијата за филм и следствено на тоа, зошто би било важно што правиме ние во Кан, бидејќи нели, се што правиме е заслуга на Агенцијата. Затоа и таа ќе не известува од Кан, затоа и таа ќе зборува за било кои придобивки, затоа таа дури ќе ни раскажува и филмови. Па без неа ние не би ни биле, нели?

Страшно! Страшно на што се сведовме и на кое ниво се доведовме. ПАРТИСКИ СООПШТЕНИЈА. Па тоа не беше така ни во социјализмот. Уште тогаш се одеше во Кан и се праќаа сериозни извештаи од фестивалот, никој не ни помислуваше да продава магла и да си ја презема заслугата и за што било и за што не било. Отсекогаш се знаело што е Фестивалот во Кан и какво е неговото значење. А во што се претворивме ние? Во нашите медиуми можеш да прочиташ кој дошол на коктелот на маркетот во Кан (инаку, доаѓаат сите и поканети и непоканети, и оние кои имаат работа и оние кои само сакаат бесплатно да пијат и да јадат) и со кого директорката остварила средби (нешто што е вообичаена работа, нешто што е работа на секој филмски фонд и филмски работник и на секој кој се обидува да ги претстави своите проекти или својата кинематографија). Тоа е исто како да известувате за тоа дека ќе се движите, ќе спиете и ќе јадете за да можете да функционирате. Тоа се прави во индустрискиот дел во Кан, сите можни средби, состаноци, коктели, презентации, се со цел да може да се работи и напредува во филмскиот бизнис.

МАКЕДОНСКАТА КИНЕМАТОГРАФИЈА НЕ БЕШЕ НА КАНСКИОТ ФЕСТИВАЛ

Тоа воопшто не значи дека „Македонија е повторно на Канскиот фестивал“, бидејќи не е. Македонија беше повторно на маркетот на Кан и да, тоа е добро, така и треба да биде, како во сите земји. МАКЕДОНСКАТА КИНЕМАТОГРАФИЈА ДОСЕГА НЕ БИЛА ПРЕТСТАВЕНА НА КАНСКИОТ ФЕСТИВАЛ. Годинава, како и лани, бевме малцински копродуценти на бугарскиот филм „Насоки“ на Стефан Командарев, чиј копродуцент беше и Германија. И тоа е добро. Добро е да не има како копродуценти, тоа е добро за продуцентите и за нивниот кредит за во иднина и добро е за Македонија да е дел од релевантни проекти. Филмот на Командарев беше селектиран во втората по важност програма, „Извесен поглед“, а продуценти од македонска страна се Владимир Анастасов и Ангела Несторовска од „Сектор филм“. И толку.

Добро е што годинава Македонското здружение на филмски продуценти и Асоцијацијата на дистрибутери на Македонија станаа дел од меѓународните организации. Тоа е успех на продуцентите и на дистрибутерите кои Агенцијата за филм треба да ги помага и да ги поддржува (но неселективно). Тоа е работата на Агенцијата за филм, а не да ги присвојува и да си ги припишува сите овие работи за нејзини успеси.

КОЈ ОДЛУЧУВА ЧИИ ФИЛМОВИ ЌЕ СЕ ПРИКАЖАТ НА МАРКЕТ

Агенцијата за филм повторно вложи средства за да направи неколку ПРОЕКЦИИ НА МАКЕДОНСКИ ФИЛМОВИ НА КАНСКИОТ МАРКЕТ (пазар на филмови, каде што секој што ќе плати може да го прикаже својот филм). Не дека тоа не е добро, но нивната промоција и презентација, пред се, треба да ја прават нивните продуценти и сејлс агенти. Институционалната поддршка секако е добредојдена, но главниот збор го имаат продуцентите и продажните агенти. Тоа ниту може, ниту треба да го прави Агенцијата. А не обратно, она организира проекции и мисли дека може да го прави она што не е нејзина работа.

Самата иницијатива за претставување на маркетите треба да дојде од продуцентите и од агентите. Како што беше случајот со  новиот филм на Ѓорче Ставрески „Тајната состојка“, кој беше прикажан на маркетот во Кан во соработка со неговиот продажен агент. На маркетот беше прикажан и филмот на Теона Митевска „Кога денот немаше име“, исто така, во соработка со продажниот агент, што и не е толку вообичаено особено кога сте биле дел од селекција на Фестивал од А категорија, како што е Берлинскиот, но очигледно беше потребна дополнителна промоција. И повторно на маркетот во Кан, како и на маркетот во Берлин, беше прикажан новиот филм на Владимир Блажевски (инаку, член на Советот во Агенцијата за филм) „Година на мајмунот“ (работен наслов „Слобода или смрт“), чии трошоци целосно ги покрива Агенцијата со оглед на тоа што овој филм (се уште) нема сејлс агент.

ШТО И КОЈ ОДЛУЧУВА ЧИИ ФИЛМОВИ ЌЕ БИДАТ ПРЕТСТАВЕНИ НА МАРКЕТИТЕ и во кои македонски филмови дополнително ќе се вложат финансиски средства, е исто така големо прашање. Како што дознаваме во другите земји фондовите ја поддржуваат презентацијата на маркетите, но за тоа има повик или конкурс и се зависи од самиот филм и од неговите продуценти, како и од тоа кој во фондовите одлучува чии филмови треба или заслужуваат да добијат дополнителна поддршка во нивното претставување пред релевантните светски филмски работници. Но, тоа е помош и поддршка за продуцентите и за филмот, а не можност Агенцијата за филм да биде и продуцент и сејлс агент и што уште не.

ДИРЕКТОРКАТА НА ФОНДОТ БАРА ДЕМОКРАТИЗАЦИЈА?????

Она што е најинтересно е токму изјавата на директорката на Агенцијата за филм, Мими Ѓоргоска – Илиевска, која по повод зачленувањето на македонските продуцентски куќи во Меѓународната федерација ФИАПФ (иако не знаеме зошто она би давала изјава, а не претседателот на здружението, Огнен Антов) вели, цитирам: „Ова многу ќе придонесе за демократизација на процесите во филмот во Македонија и ќе овозможи поактивно решавање на проблемите со кои секојдневно се соочуваме во филмот во нашата земја. Ова е причина СИТЕ НИЕ КОИ УЧЕСТВУВАМЕ ВО РЕАЛИЗАЦИЈА НА ФИЛМСКИ ПРОЕКТИ да сме горди и да обезбедиме подобри услови и правни регулативи кои ќе ја унапредуваат филмската дејност“.

Да не ви се верува, оние кои ја уништија демократизацијата, кои ги извртеа правните регулативи сега ќе ги решаваат??? Ние навистина се надеваме на демократизација и правни регулативи откако партијата во заминување конечно ќе замине.

Сунчица Уневска