Мартинката, или поточно обичаите по повод 1 март во Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија влегоа во листата на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО, соопшти организацијата на својот сајт.

Во кусата информација на сајтот на УНЕСО се вели: „Културните практики поврзани со 1-ви март вклучуваат традиции за прославување на почетокот на пролетта. Главната практика се состои од носење црвена и бела нишка со цел да се обезбеди сигурен, хармоничен премин од зимата во пролетта. Учеството на сите членови на засегнатите заедници придонесува за социјална кохезија, интеракција со природата, меѓугенерациска размена и креативност. Преносот е спонтан и се јавува преку неформално учење во семејства, населби и работилници, како и преку посветени училишта и музејски програми.“

Предлогот e одобрен за време на седницата на меѓувладиниот комитет за заштита на нематеријалното културно наследство на организацијата во Јужна Кореја, на кој се одобрени 9 предлози на листата на на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО.

Ова се случи по заедничката номинација на четирите земји што го делат обичајот – Бугарија, Романија, Молдавија и Македонија. Иако потеклото на мартинката со години се спори (“мартинки” во Македонија и “мартишор” на Север), а легендите околу неа се различни, сепак, Македонците,Бугарите, Романците и Молдавците ги разменуваат црвено-белите украси од предиво на 1 март по повод доаѓањето на пролетта.

Покрај мартинките Меѓувладиниот комитет за заштита на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО донесе одлука и за l-Qatt Al-Asiri, женска традиционална  декорација на ѕидот во Асир, Саудиска Арабија, Кочари, традиционален групен танц од Ерменија, подготвување долма и споделување традиција како маркер на културниот идентитет од Азербејџан, од Бангладеш на листата е ставена традиционална уметност на ткаење позната како Шијат Пати на Силхет, боливианците ги запишаа Ритуалните патувања во Ла Паз за време на Аласита, резбата од Коњиќ на Босна и Херцеговина, Заули – народна музика и танц на заедниците Гуро од Брегот на Слоновата Коска и Пунто – поезија и музика на кубански земјоделски работници.