Исклучителна, шармантна, едуцирана и софистицирана млада жена , се карактеристиките кои се врзуваат за Сенада Сали. Тетовка која подолго време живе и се надоградува во Будимпешта, каде работите и како правник. Може ли да не запознаете одблиску со Вашиот профил?

-Сенада или скратено Ада, како што повеќето пријатели ме знаат, е 25-годишна девојка родена во Скопје, а израсната во Тетово. Детството го поминав во една од стрмните улички, или како што Тетовски велиме-во сокаче, веднаш под Шара. Живеев во трошна куќа заедно со мојата мајка која се занимаваше и се уште се занимава со трговија од 9 наутро до 9 навечер. Уште како дете поминав низ тешки периоди почнувајќи од разводот на моите родители, семејното насилство во моето семејство, сиромаштија и бездомност, но и потешкотии во однос на разбирање и прифаќање на сопствениот комплексен идентитет како жена, муслиманка, Ромка. Мојата академската подготовка како правник започна со запишувањето на додипломски студии на Правниот Факултет “Јустинијан Први” во Скопје. senadaaДодипломските студии ги завршив со просек 9,83, по што ми беше доделена стипендија за Мастер студии на Универзитетот ЦЕУ (Central European University) во Будимпешта. Веднаш по студиите добив понуда за работа како приправник, а почнувајќи од јануари 2017 работам како правник во Европскиот Центар за правата на Ромите (ERRC), со седиште во Будимпешта, Унгарија. Тоа е едниствената меѓународна правна организација која се занимава со стратешко застапување  на правата на Ромите од цела Европа. Патот до меѓународна кариера како правник не е воопшто лесен, особено ако си Ром/ка. Она што навистина ме радува е фактот дека се што досега имам постигнато е резултат на огромен труд и мотивација.

Од 2015 година сте магистер, со диплома од меѓународниот универзитет CEU ( Central European University) , чиј основач е Џорџ Сорос. А потоа вработивте во Европскиот Центар за Права на Ромите. Какви се Вашите ангажмани во Будимпешта, на што најактивно се насочени тие?

-Секојдневно работам на низа разновидни случаи, секој од нив посебен и значаен на свој начин. Воглавно станува збор за случаи на дискриминација на Роми од страна на државата т.е. државните институции (пример, случаи на тортура и смрт на затвореници, полициска бруталност, повреда на репродуктивни права на жените, повреди на права на децата сместени во домови и корективни центри, расно профилирање на границите, сегрегација на учениците Роми во училиштата, присилно иселување, ограничен пристап до вода и здрава животна средина и слично). Главен фокус на мојот ангажман во канцеларијата во Будимпешта се случаите на дискриминација на Ромите во државите од регионот на поранешна Југославија. Случаите на кои секојдневно работам се поведени како пред национални судови и органи (јавен обвинител, народен правобранител, комисија за заштита од дискриминација) така и пред меѓународни судови и тела како Европскиот суд за човекови права во Стразбург и механизмите за правна заштита при Обединетите Нации. Доколку би требала да издвојам неколку значајни случаи на кои во моментот работам, сметам дека клучен случај во кој уште од Август 2016 senada 3сум активно инволвирана како правник е случајот со 120-те жители на Ромската неформална населба “Полигон”, лоцирана под Скопското Кале чии импровозирани домови беа срушени на Први Август 2016 година, по наредба на градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски. Овој случај претставува грубо прекршување на обврските на Република Македонија утврдени во член 3 и член 8 од Европската Конвенција за човекови права и по истиот веќе се одлучува пред судот во Стразбург (BEKIR AND OTHERS v. "THE FORMER YUGOSLAV REPUBLIC OF MACEDONIA"). Деновиве сум, исто така, посветена на поведување постапки во врска со смртта на тројца затвореници Роми во затворите во Македонија ( две млади момчиња и една 46-годишна Ромка).

Минатата година бевте на Глобалниот состанок за права на жените во Буенос Аирес, Аргентина, како претставничка на жените-правнички од Балканот. Какви искуства понесовте?

-Тоа беше навистина значајно и убаво искуство за мене. Запознав голем број успешни правници од различни делови на светот. Имав чест лично да се запознаам со Специјалниот репортер за семејно насилство при Обединетите Нации г-ѓа Дубравка Шимонович и Специјалниот репортер за домување г-ѓа Леилани Фарха. Разговаравме за проблемите со кои различни ранливи групи се соочуваат во сите делови од светот, а како дел од работната група за права на жените, учествував во изработка на Глобална Стратегија за пристап на жените до економско-социјалните и културни права. Благодарение на контактите кои ги воспоставив на состанокот во Буенос Аирес, подоцна, во Мај годинава поканета и присуствував на Глобалниот Форум на Жени во Кигали, Руанда. Форумот во Кигали беше особено корисна лекција…во суштина по разговорите со останатите учеснички на форумот дојдов до заклучок дека голем дел од проблемите со кои Афричките жени се соочувале во минатото и за кои истите веќе развиле методологии за нивно решавање, се проблеми со кои моите клиентки Ромки се соочуваат во 21 век во повеќето држави во Европа и кои проблеми може да се решат со примена на слични методи на работа со заедницата како оние користени на афричкиот континент .

Дали современата жена Ромка, во принцип, ги ужива правата кои ги заслужува? Зборуваме за Македонија, Балканот, но и во Унгарија, да речеме.

-Иако не би сакала да генерализирам и говорам во името на сите жени Ромки, сепак моето лично искуство говори за тоа дека без разлика на современоста, образованието, изгледот и тн. жените Ромки се константно соочени со голем број предрасуди и стереотипи каде и да одат, што многу често резултира во дискриминација. Коренот на проблемот е во толерирањенто на потчинетоста, различниот третман и грдите приказни за Ромите пренесувани од колено на колено од страна на мнозинството, како онаа нашата: “Ако не се однесуваш добро ќе дојде да те земе циганката”. Замислете, доктори кои положиле Хипократова заклетва ги одбиваат моите клиентки Ромки за гинеколошки прегледи токму поради негативните перцепции дека Ромките не одржуваат senada 1лична хигиена и се промискуитетни. За жал општеството не го менува својот пристап кон Ромите поради еден позитивен пример, туку истот го третира како исклучок од грдото правило. Сепак, во поново време определен напредок е постигнат од страна на самите жени Ромки кои благодарение на стипендиите и слични иницијативи за полесен пристап до образование на Ромите стануваат посамоуверени и гласно говорат за проблемите со кои се соочуваат. Всушност, тоа е и една од главните цели на мојата работа денес : Да мотивирам што можно повеќе Ромки јавно да говорат за проблемите со кои се соочуваат и да бидат решени да одат на суд односно ДА ТУЖАТ за претрпените повреди на нивните права.

Што превземате во врска со насилството врз жените, не е сокриен фактот дека жените Ромки се најизложени на насилство, поради лошата економска состјба и општествен статус во кој се наоѓаат?

-Проблемот на семејно насилство е доста комплексен бидејќи задира во интимните односи и приватност на семејствата. Токму поради тоа Европскиот Центар за Права на Ромите стои на ставот дека на ваквиот проблем треба да се пријде од аспект на обврските на институциите на системот кон жртвите на семејно насилство. Односно, правната заштита која ја нудиме во вакви случаи не задира во приватните односи на  семејството, туку во прашањата дали институциите на системот (полиција, центар за социјални работи, амбуланта и сл.) навремено одговориле на повикот за помош од страна на жена Ромка жртва на семејно насилство, дали истата е навремено заштитена и сместена во некоја од сигурните куќи за жртви на семејно насилство. Праксата за жал покажува недостаток на слух и сериозност од страна на институциите кога се работи за случаи на семејно насилство во Ромската заедница. Ваквиот однос е резултат на третирањето на семејното насилство како нешто очекувано и „нормално“ во Ромсата заедница. Во оваа прилика сакам да упатам апел до сите жени Ромки жртви на семејно насилство навремено да ги пријавуваат во полиција ваквите несакани настани, а во случаи на не добивање навремена заштита од полицијата или одбивање на нивното барање на бидат сместени во сигурни куќи, веднаш да не контактираат со цел обезбедување правна помош и заштита.

Можете ли да ни посочите некој конкретен пример на насилство врз Ромка, кој посебно ве трогнал?

-Такви примери за жал има многу. Секој од случаите на насилство за мене е особено значаен и посебно се врзувам за нив поради моите лични трауми како дете жртва на семејно насилство. Но, доколку би требало да издвојам еден пример тоа во моментот тоа би бил случајот на 11 годишната Р.И. Р.И. е дете кое на своја 11 годишна воздраст се соочува со низа груби злоупотреби и прекршувања на нејзините права, а за жал како правник малку можам да помогнам. Поради одземање на родителските права од страна на Судот, по барање на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, Р.И. од своите пет години постојано до ден денес е згрижена во Дом за деца без родители. Последните 8 месеци таа е згрижена во домот за деца без родители 25 Мај во Бутел. Пред околу 3 месеци Р.И. исчезна од Домот, а надлежните не понудија никакво објаснување за причините за таквото исчезнување ниту пак превзедоа одговорност за истото. Неколку дена подоцна, откако  низа Ромски невладини организации упатија апел за пронаоѓање на Р.И., девојчето беше пронајдено од страна на полицијата и вратена назад во домот. Откако успеавме да обавиме краток разговор со Р.И., утврдивме дека таа е во состојба на психолошки шок и траума бидејќи во периодот на исчезнување била сексуално злоупотребувана од постаро лице и присилно терана на тешка работа во неговиот дом. По ваквиот особено шокантен исказ, веднаш стапивме во контакт со Центарот за Социјална работа со цел да добиеме согласност од старателот на Р.И. за да покренеме судска постапка против домот и сторителот. За жал, ЦСР го одби нашето барање, а без нивна дозвола не постои законска можност да започнеме судска постапка, бидејќи девојчето е малолетно, а на родителите им е одземено родителското право.

Вашиот приоритет останува борбата за правда и еднаквост: расна, религиска, родова, социјална и ткн. Но, како девојка која во себе има мешано етничко потекло, а пред се Ромски корен, дали целосно се вклучувате во борбата за заштита на Жената Ромка, или жената воопшто, без оглед на етничката припадност?

-Едното без другото е апсолутно невозможно. На жените Ромки им е неопходна подршката од сите останати жени во борбата за еднаквост во пристапот до права и обратно, борбата за правата на жените е борба која во никој случај не ги исклучува Ромките. Во мојата работа со клиентки Ромки она што го бараме од судовите и институциите е ни помалку ни повеќе еднаков пристап и можности за секоја жена, а не посебни привилегии кои едниствено определена група на жени би можеле да ги уживаат. Поради навденото, останувам активна во борбата за еднаквост на сите полиња.

senada 5И за крај, Вашата убавина е нешто што ја импресионира околината. Кон тоа да го додадеме и Вашиот секогаш среден имиџ. Би го фотографирале своето тело доколку ви се укаже шанса за некоја кампања, како знак на поддршка на жената и нејзините права?
-Не е тајна дека обожавам фотографирање, но доколку тоа е за позначајни цели и пошироки намени, најпрво би се распрашала за каква кампања се работи, дали навистина таквите фотографии би имале позитивен импакт кон решавање на определен проблем или табу. Телото на секоја жена е уметност. Она што е најважно е таа самата своеволно и без никаков притисок да одлучува на кој начин сака истото да го претставува. Сметам дека фотографирањето, естетските корекции или било какви други активности кои задираат во личноста или телото на жената неопходно е претходно да ја имаат нејзината информирана согласност. На крајот од денот, нашата лична самодоверба и среќна се најважни.

Валентина Ѓоргиевска Парго


(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)