Турското обвинителство издаде налози за апсење на 360 лица, главно војници, во операција против поддржувачите на муслиманскиот свештеник Фетула Ѓулен, кој живее во егзил во САД, јавија турските медиуми. Во операцијата базирана во Истанбул, со апсење се соочуваат 333 војници, од кои 216 се на активна должност, пренесе турската агенција „Анадолија“.

Истанбулската полиција продолжува со апсењето на осомничени, а приватната турска новинска агенција „Доган“ наведува дека седуммина меѓу лицата против кои биле издадени налози за апсење се пилоти.

Операции против поддржувачите на Ѓулен продолжуваат секојдневно, 16 месеци по обидот за државен удар во Турција, па минатата недела, околу 700 лица се уапсени во рамките на истрагата во врска со тоа, наведе „Ројтерс“.

Анкара го обвинува Ѓулен и неговата мрежа за организирање на обидот за државен удар минатата година, што Ѓулен го негира. Повеќе од 50.000 луѓе се уапсени и се ставени во притвор во очекување на судењето, поради сомнежите во врска со Ѓулен, а 150.000 луѓе се отпуштени или суспендирани од нивните позиции во јавниот и приватниот сектор откако на 15 јули 2016 во Турција се случи обид за државен удар при што загинаа 250 луѓе.

Турските власти велат дека само таква чистка може да ја неутрализира заканата од мрежата на Ѓулен, за која тврдат дека се инфилтрирала во институции како што се армијата, судството и училиштата.