Министерството за земјоделство, храна и рурални работи на Јужна Кореја воведе 48-часовна забрана за движење на живина, работници и возила на фарми, поради нова појава на високо заразниот птичји грип, изјави министерот Ким Јунг-Рок. Тој рече дека ќе извршат дезинфекција на фармата, возилата и продавниците што продаваат производи од живина и дека ќе биде забранета трговија со пилиња за неодредено време.

Присуството на вирусот H5N6 е потврдено на фарма околу 300 километри југозападно од Сеул, каде што има околу 12.000 патки. Властите во Јужна Кореја воведоа највисок степен на предупредување за зараза, со цел да се спречи ширењето на вирусот во рана фаза.

Јужна Кореја се соочи со птичји грип неколку пати, а најлош случај се случи минатата година, кога епидемијата траеше скоро осум месеци, што резултираше со уништување на рекорден број живина и недостаток на јајца ширум земјата.

Досега не е регистриран ниту еден случај на пренесување на зараза на луѓе.