Собранието денеска едногласно изгласа да им се одземе имунитетот на пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудовски, Љупчо Димовски и Сашо Василевски, а со тоа се создадени сите услови судот да одлучи по однос на предлогот за одредување мерка притвор. Каква ќе биде одлуката ќе зависи од судиите на претходна постапка на кои се доделени распитите на пратениците.  Претседателот на Собранието Талат Џафери веднаш по завршувањето на денешната седница ги потпиша одлуките за симнување на имунитетот на шестмината пратеници од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и тие се веќе проследени до Кривичниот суд.

Само колку за потсетување, без присуство на пратениците од опозицијата, владејачкото мнозинство го одобри барањето за одобрување притвор на пратениците поднесено од Основен суд Скопје 1 од Одделот за организиран криминал на 28 ноември.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ пред почетокот на седницата, соопшти дека нема да учествува, нарекувајќи ја „политичка фарса, чија единствена цел е реваншизам, сеење омраза и уништување на сите оние кои што мислат различно“.