Македонскиот филм „Исцелител“ (чиј работен наслов беше „Тајната состојка“) на Ѓорче Ставрески прексиноќа во преполната сала „Ставрос Торнес“ (резервирана за филмовите од програмата „Балкански преглед“) ја имаше својата светска премиера на 58. Филмски фестивал во Солун. „Приемот беше неверојатен. Две проекции распродадени до последно место, на премиерата позитивно, со долг аплауз и луѓе кои не сакаат да си отидат. Фестивалот е голем фан на филмот, луѓето не престанаа да зборуваат за него, имавме супер прашања и одговори“, вели во еден здив видно возбудениот Ѓорче Ставрески.

И со право, бидејќи ова е навистина еден од подобрите македонски филмови, едноставен, многу ефектно воден и режиран, комедија, која е и потешко да се направи, но функционира совршено, затоа што е јасна, знае што сака да каже и постигне и тоа го прави со многу хумор, со љубов, искрено, прецизно и многу симпатично, а наедно ја исцртува целата позадина и состојба во земјата во која се случува. Еден од ретко успешните филмови последниве години, на кој можеме да бидеме горди како македонска кинематографија.

„ИСЦЕЛИТЕЛ“ РАМНОПРАВЕН ВО СИЛНА КОНКУРЕНЦИЈА

imageГодинава „Исцелител“ на Ставрески влезе меѓу десетте долгометражни филмови во програмата „Балкански преглед“ и тоа во многу силна конкуренција. Тоа е и единствена комедија, а и од филмовите што ги видовме досега, како хрватскиот „Кратка екскурзија“, словенечкиот „Рудар“, инаку правен по вистинска приказна, турскиот „Семе“ на Семи Капланоглу, па дури и романскиот „Ана, љубов моја“, кој е доста претенциозен и полн со стереотипи, но кој во Берлин понесе „Сребрена мечка“ за уметнички придонес, може слободно да кажеме дека ова е еден од подобрите филмови и филм кој рамноправно може да се носи со оваа конкуренција.

„Исцелител“ ќе ја има македонската премиера на 19 ноември, на затворањето на фестивалот „Синедејс“, а веднаш потоа заминува на фестивалот во Талин, каде што е вклучен во компетитивната програма за дебитантски филмови. Во Солун, што и не е вообичаено, беше огромен дел од екипата на филмот, но тоа секако придонесе кон еуфоријата, а и доста е симпатично како поддршка, како заедничка љубов и верба во филмот, но и како негово славење. Покрај Ѓорче Ставрески, таму беа и актерите: Симона Димковска, Благој Веселинов, Диме Илиев, Аксел Мехмет, монтажерот Мартин Иванов, снимателот Дејан Димески и други, а на проекцијата присуствуваше и в.д. директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија.

CINEMA NETWORK ЈА ПОДДРЖА „СЕСТРА“ НА ДИНА ДУМА

imageИнаку, Горјан Тозија беше во Солун по повод 28. Генерално собрание на Меѓународната филмска мрежа на Југоисточна Европа SEE Cinema Network на кое беа разгледувани пријавените филмски проекти кои оваа година аплицираа за финансиска поддршка за развој на долгометражни и краткометражни филмови. И она што е најважно, е дека македонскиот проект „Сестра“ во режија на Дина Дума, а поднесен од продуцентската куќа „Лист продукција“, ја доби поддршката на Cinema Network и тоа едногласно изгласан со највисоки оценки од страна на претставниците на земјите членки.

ГОДИНА НА ДОБРИ ФИЛМОВИ

Солунскиот фестивал влегува во својата завршница и слободно може да се каже дека ова е година на добри филмови. Дали поради концептот и субверзивниот карактер на филмовите, односно инспирацијата која беше испишана во зборовите на француската активистка и филозоф, Симон Веил, но годинава фестивалот донесе навистина многу интересни, силни, необични остварувања, смели во својата оригиналност и подготвени да експериментираат, како визулено, така и наративно.

imageТоа се потврди уште при гледањето на првиот филм од годинешната главна програма, која инаку е составена од први или втори филмови на авторите, рускиот „Теснота“ на Кантемир Балагов. Станува збор за комплексно остварување, чиј пристап и чувство во градење на ситуациите и ликовите многумина го припишуваат на тоа што Балагов бил студент на Сокуров. Тоа е вистинска приказна за киднапирањето на една млада брачна двојка во Северен Кавказ, при што авторот фокусот не го става на тоа, туку на сето она што се случува со неговата сестра, која ќе се најде на крстопат меѓу барањето на својот интегритет и традицијата во семејството.

Во Главната програма се вклучени 14 филма, кои се борат за наградите „Златен, Сребрен и Бронзен Александар“. Од Европа доаѓаат десет филма, од кои три грчки и четири од САД, Колумбија, Иран и Филипини. Грчкиот „Кога работите ќе излезат на површина“ на Нанси Биниадаки предизвика внимание, бидејќи низ приказната за урбаните легенди на еден многу современ начин зборува за минатото и сегашноста, за земјата и за луѓето. За големи фаворити важат и данскиот „Зимски браќа“ на Хилнур Палмасон, филм за судирот на двајца браќа, чија визуелна и психолошка сугестивност е застрашувачка, потоа иранскиот филм „Без датум, без потпис“, исклучителна студија на карактери и чувството на вина, а тука е и „Лаки“, филмот кој познатиот американски актер Џон Керол Линч го направи за еден од најкарактерните актери, Хари Дин Стентон, фокусирајќи се на неговото себеоткривање, на смртта и осаменоста, но и на неговите улоги кои ја враќаат нашата изгубена верба во човечкото. Фестивалот завршува на 12 ноември со филмот „Забава“ на британската авангардна режисерка Сели Потер и со доделувањето на наградите.