Mинистерството за транспорт, информатичка технологија и комуникации на Бугарија и Министерството за информатичко општество и администрација на Република Македонија ќе потпишат меморандум за разбирање за намалување на меѓународните тарифи за роаминг за телекомуникациски услуги, соопштија од кабинетите на двете владини служби. Со него министерствата се договараат да поттикнат мобилните оператори да склучат меѓусебно спогодби кои доведуваат до трајно намалување на цените на мало на услугите во роаминг за крајните корисници.

Ова е дел од мерките за подобрување на поврзаноста на сите нивоа во регионот, што директно ќе влијае на контактите меѓу граѓаните и бизнисите. Заедно со политичката поддршка за европската интеграција на Западен Балкан, владата е решена да  поддржи и голем број на практични решенија кои би служеле развојот на регионот како заеднички пазар од 22 милиони лица.