Издавачката куќа „Готен“ најавува промоцијата на книгата „Допирот на пијанистот“ од словенечкиот писател Мирт Комел, која ќе се одржи во „Кино Култура“, на 8 декември, со почеток во 20 часот. На промоцијата на книгата ќе присуствува авторот, а разговорот со него ќе го водат Владимир Јанковски и Живко Грозданоски. Преводот на книгата од словенечки на македонски јазик е на Иванка Апостолова Баскар.

Романот „Допирот на пијанистот“ ја раскажува приказната за генијалниот њујоршки пијанист Габриел Голдман. Книгата се отвора кон читателот како калинка: неколку зрнца филозофски роман, неколку зрнца роман за уметноста, неколку зрнца љубовна приказна. Комел префинето ги комбинира јазичните игри и разновидните раскажувачки слоеви за да ја долови целата магија и проклетството на човекот надарен со невообичаен талент за свирење и создавање музика. Книгата може да се чита и како парабола за уметничкото творештво и за односот на големите уметници кон создавањето.

Мирт Комел е писател и филозоф, предавач на Факултетот за општествени науки и на Факултетот за филозофија во Љубљана. Автор е на бројни научни дела, а неговите книжевни дела варираат од драми и драмски песни до текстови за патување. „Допирот на пијанистот“ е негов прв роман.

Гостувањето на Мирт Комел во Скопје е поддржано од Јавната агенција за книга на Република Словенија.