Филмот „Бодкин Рас“ на Кавех Модири, кој ја доби наградата „Фипресци“ во Виена, носи една исклучителна приказна за бегството, за страдањето, за пеколот во нас и надвор од нас, за осаменоста, за она ментално место од кое сите се ужасуваат, место во кое никаде не припаѓате. Во „Бодкин Рас“ авторот ќе направи еден сосем необичен спој на вистински и измислени приказни, на фантазија и реалност, на едно преубаво место преполно со сенки, на барање излез сè додека да сфатите дека тој се наоѓа единствено во самите нас.

Во еден мал град на северот на Шкотска, Форес, пристигнува еден странец, бегајќи низ шумата, бегајќи од мислите, од стравот, од очајот, бегајќи од сопствената приказна и сопствената улога во неа, која не ја разбира. Така и почнува филмот со нарација за болката, за страдањето, за сопственото измачување и мизерија, за она место каде што нема никого, за оној пекол кој потсетува на смртта. Мистериозниот странец ќе стигне во преубавото гратче, полно со цвеќиња, со традиција и со недоверливи, но, главно, питоми луѓе. Но, тогаш започнува рефлексијата, кога сите сакале или не ќе ја слушнат старата традиционална шкотска песна, која ве поведува на патување во едно сега поинакво окружение.

Присуството на странецот ги тера луѓето да размислуваат поинаку, да се осврнат на своето место, на својот живот, на својата приказна, на својот град кој го дава чувството дека сте дома. Но, што значи да се биде дома. Некому му е доволно да биде со своите соседи во барот, некому му е доволно да ја види Нелсоновата кула, некому му е доволно да биде опкружен со сите тие познати места и пријателски луѓе, некому му е доволна природата. Што го одредува, всушност, припаѓањето?!

Извонредна е идејата на Модири да проговори за нивните стравови и минатото надвиснато над нив, кое го носи чувството на немир. Тој се определува приказната за Форес да ја раскаже низ вистинските приказни, низ вистинските судбини и трагедии, кои сега соочени со присуството на странецот попримаат поинакви димензии. Преиспитувањето се наметнува, соочувањето исто така, особено во светлината на сопствените реакции кога некој сосем неповикано ќе ги измести работите од нивниот вообичаен тек.

„Бодкин Рас“ е исклучително силна внатрешна приказна, која е во дослух со прекрасната природа, но и со онаа природа внатре во нас, онаа природа која останува недопрена сè додека нешто не ја измести… На тој начин Модири ѝ пристапува и на оваа приказна, приказна за луѓето, но и приказна за градот, приказна за чувството на припаѓање, но и за бегството од себе, приказна во која мирот е секогаш поврзан со немирот, во која убавината често умее да ги затскрие вознемирувачките нешта, сè додека не го загуби сопствениот сјај.

Може ли човек да побегне од себе ако пеколот го носи во себе. Може ли страдањето да ве научи да ги препознаете нештата. Може ли мирот и сигурноста на градот да направи да исчезне очајот. Може ли припадноста да ве натера да се измените. Понекогаш човек упорно го бара мирот и припадноста, го бара начинот да ја заборави болката, несвесен дека и самиот ја предизвикува. Каде да се скриеме од самите себе. Понекогаш веруваме дека границите ќе нè заштитат, но тие се толку порозни.

Кавех Модири ќе направи извонреден филм токму за онаа денешна параноја од „странецот“. Но, поигрувајќи си на еден сосем поинаков начин со тоа што значи странец, што значи да се биде поинаков, како да ја откриете и прифатите сопствената природа, бидејќи како и надворешната и таа умее да биде сосем непредвидлива. Пријателскиот град има и друга страна, исто како и сè друго, бидејќи од животот и од природата не може никогаш да нè заштити изолацијата. Немирот останува, болката и несигурноста. Трагедијата е неизбежна, но зошто?

Затоа што природата кога-тогаш ќе излезе на виделина. Затоа што човекот е еднакво непредвидлив како и природата. Странците и недовербата се само потреба да веруваме во нешто кое е толку слабо што првата бура ќе го однесе. „Секој може да биде поет, но прво мора да страда“, вели Модири, зборувајќи за толку „вообичаени“ нешта во светлината и сенките на границите кои сами ги подигнуваме, постојано верувајќи дека така ќе се заштитиме. Низ „Бодкин Рас“ Модири ни покажува колку е голема нашата заблуда.

Сунчица Уневска