??????????????????

„Ла Ла Ленд“ се претвори во фаворит уште по неговата светска премиера на отворањето на Венецискиот филмски фестивал. Потоа ја освои главната награда во Торонто, па го затвори годинешниот филмски фестивал во Виена, измамувајќи громогласен аплауз во преполната сала на киното „Гартенбау“. Сосем очекувано ги доби наградите на американските здруженија на критичари, а сега поведе во трката за наградите „Златен глобус“ 2017 со седум номинации.

Се чини Дамиен Шазел, авторот на извонредниот филм „Whiplash“, успеа да го направи невозможното. Да создаде модерен мјузикл, кој ќе не наврати на времето на гламурот и џезот, мјузикл кој е конвенционален, колку што е и нов, модерен, необичен, мјузикл кој одлично вклопува и многу познати сцени, кој е инспиративен, кој вознесува, кој е полн со игра, но и со драма, мјузикл преполн со бои и поинаква сценографија, различен, изненадувачки, и на крај, мјузикл во кој не е најважна музиката. „Ла Ла Ленд“, како што вели и самиот Шазел, е многу повеќе филм за ритамот и за движењето, како во музиката, како во филмот, така и во животот.

Ритамот е, всушност, она што го понесува Дамиен Шазел, ритамот во нашите очекувања, ритамот на нашите животи, ритамот кој ја одредува страста, амбицијата, желбата, љубовта, потребата, ритамот кој го одредува барањето, ритамот кој си поигрува со вознесот, но и со реалноста. Движењата му ја даваат магијата на филмот, движењата кои се секогаш различни, неочекувани, свои, вдахновени, единствени, движењата кои не носат на толку „нови“ места, движењата кои ја надополнуваат или одземаат вистинската волшебност на моментот, но и на траењето.

La La Land 1„Ла Ла Ленд“ е далеку од типичен мјузикл. Миа, надежна актерка и Себастијан, џез-музичар, испишуваат на екранот една од најубавите романтични приказни за љубовта, за соништата, за мечтаењето, но и за цената која мора да се плати за да се достигне посакуваното.  Тоа е многу повеќе филм кој си поигрува со нашите соништа и амбиции, со нивното воспевање, со инспиративноста која ја носат, вербата, исчекувањата, со целата онаа магија која не заслепува кога ќе ги пронајдеме. Но, не заборавајќи ја земјата на скршените срца и надежи, која го исцртува бекграундот во градот на соништата Лос Анџелес, се додека неминовно не пристигне реалноста. Меѓутоа, магијата не исчезнува секогаш кога сонот нема да се оствари, туку и тогаш кога ќе се оствари бришејќи ги границите на спознавањето.

Филмот на Шазел е вистинска експлозија од бои, емоции, волшепство, игра, ритам и движење, тој е раскошен како надворешно, така и внатрешно, додека на екранот ги исцртува емоциите, копнежот, биењето на срцето, итањето кон ѕвездите, кон сонот, кон успехот. Неговиот мјузикл ја има целата атмосфера и заводливост на класичните мјузикли, па сепак се претвора во драма која ви го крши срцето, не поради неоствареното, туку поради соништата кои под бремето на времето наеднаш добиваат сосем друг изглед.

Ема Стоун и Рајан Гослинг се одличен избор, една двојка чии движења го поминуваат целиот пат од препознавањето, уиграноста, совршенството, компатибилноста, до конфузијата, погрешните чекори, разидувањето, една „обична“ двојка чија љубов нема да го издржи тестот на времето. На кој начин да ги ускладите движењата и ритамот, ако желбата отиде во друг правец, како да се пронајдете, како да се задржите додека тактот на музиката, додека нотите, додека копнежот и барањата гравитираат во времето и во просторот барајќи го познатото тло, барајќи го замисленото, барајќи го препознатливиот спој кој повеќе не може да функционира. Затоа што ритамот секогаш ја следи внатрешноста, а не надворешноста, затоа што времето носи различен ритам, затоа што времето е неумитно, и се зависи дали ќе се движите со него или ќе се обидете да го задржите.

Магичен е успехот, волшебен е моментот кога сте во фокусот на нештата, неверојатно е кога ќе се остварат соништата. Но, дали тие го исполнуваат животот, вашите очекувања, променетите тежишта, дали тие можат да го следат чекорот, дали можат да ги следат звуковите кои колку што се оддалечуваат толку стануваат се понечујни. Успехот е извонреден, сонот (навидум) ја носи вечноста, но животот си има свои законитости, свој ритам, своја боја. Животот и љубовта ја носат непостојаноста не во емоциите, туку во траењето. Тие не можат да траат онаму каде што мигот е неприкосновен, не можат да траат во соништата, не таму каде што боите и магијата се распрснуваат.

Животот и љубовта ја бараат смислата, а трката по сонот не може неа да ја задржи. Освен во мигот, во оној миг кој изминува и никогаш повеќе не се враќа. Па колку чувството и да боли, колку чувството и да се чини исто, исполнувањето не е доволно, не тогаш кога траењето е минливо. Жртвата е голема но се зависи од изборот, мигот или животот, секој останува онаму, во оној вознес, во оној ритам, во она движење кое ќе го одбере, без оглед на последиците. Бидејќи, исполнувањето не може да го замени ништо, освен сопствената потреба за краткотрајноста на успехот или за долготрајноста на љубовта. Впрочем и мигот ја содржи љубовта, само ритамот е различен.

Сунчица Уневска