Од нашиот известувач од Берлин, Сунчица Уневска

Берлинале по 67. пат. Но, овој пат уште од стартот најавува едно поинакво издание во кое се чини доминираат „арт филмови“, во кое фокусот е на приказните, борбата, преживувањето. Годинешните филмови во главната програма речиси воопшто не носат ѕвезди, а уште помалку блокбастери. Иако поголемиот број од авторите што се во официјалната селекција веќе имале филм во Берлин, сепак тоа ни оддалеку не наликува на Кан, меѓу нив има само еден добитник на „Златна мечка“ и повеќе авторски имиња кои не се етаблирани, но носат поразличен стил и ракопис. Во трка за главните награди се 18 филма од кои две дебија, а едното од нив го отвора годинешниот Берлински филмски фестивал, кој ќе трае од 9 до 19 февруари.

„Џанго“ во прв момент потсетува на Квентин Тарантино… Но, станува збор за биографски музички филм на Етијен Комар за еден од пионерите на европскиот џез, чија музика и техника ќе извршат влијание и на американскиот џез. Жан Батист Рајнхарт (1910-1953), по потекло Ром, е роден во Белгија, а пораснал во циганските населби близу Париз. Познат по неговиот надимак Џанго уште како многу млад ќе настапува по париските сали, свирејќи на виолина и на гитара. На 18 години ќе биде повреден во пожар при што настрадале неговите два прста на левата рака. Упорен да ја продолжи својата музичка кариера како гитарист, тој ќе измисли сосем поинаков начин на свирење за да може да го постигне тоа што сака со три прсти. Велат дека токму тоа било заслужно за неговиот неверојатен и оригинален стил.

Интересно е дека овој легендарен џез-музичар Џанго свирел ромска музика во која се испреплетуваат елементи на џез и француската модерна, создавајќи таква музика која ќе го одведе до Карнеги хол. Во 1934 година со виолинистот Стефан Грапели ќе го основаат славниот квинтет Hot Club de France. Во тоа време настапувал во Европа и во САД со многу познати џез-музичари, меѓу кои и Дјук Елингтон. Но, приказната за еден од највлијателните европски џез-музичари Етјен Комар ќе ја фокусира во времето на војната, и тоа според романот на Алексис Салатко, додека музиката во филмот ќе ја оживее холандското „Розенберг трио“.

Инаку, Етјен Комар е познат како продуцент и сценарист кој има освоено многу награди, но не и како режисер. Комар се потпишува како продуцент и сценарист на извонредниот „За боговите и луѓето“
кој беше награден во Кан, како и на екстраординарниот филм „Тимбукту“, сместен во древниот град во Мали, чија поетичност остава без здив. Но, сега првпат ја потпишува и режијата на филмот „Џанго“, кој е во конкуренција за „Златна мечка“.

Во трка за наградите се уште 17 филма од 15 земји, бидејќи единствена земја која има три филма во главната конкуренција е земјата домаќин, Германија. И тоа со еден од ветераните, Волкер Шлендорф, кого го паметиме по култниот „Лимениот барабан“. Волкер Шлендорф досега три пати бил во главната програма во Берлин, а овој пат доаѓа со „Враќање во Монтаук“, филм за еден писател и неговата средба со жената, која ја среќава повторно по цели 17 години. Вториот е на Андрес Веил кој беше во Берлин во 2011 со жестокиот „Ако не ние, кој“, што ја доби наградата за иновативност „Алфред Бауер. Сега Веил ќе се претстави со биографскиот филм „Бојс“, за познатиот германски скулптор, теоретичар, авангарден уметник, Јозеф Бојс.

Додека третиот „Светли ноќи“ на Томас Арслан е направен во копродукција со Норвешка. Тоа е приказна за таткото кој патувајќи по северот на Норвешка додека се обидува повторно да ја воспостави врската со својот син, која одамна ја има загубено. На Арслан ова му е трет пат да биде во програмата на Берлинале.

Од Европа во главната програма се вклучени десет филма. Покрај Германија, тука се и: Романија, Португалија, Велика Британија, Полска, Унгарија, Финска и Австрија. Освен Шлендорф годинава уште еден ветеран, финскиот автор Аки Каурисмаки, кој како и секогаш е актуелен но на својот особен начин и препознатлив апсурден хумор, овој пат осврнувајќи се на темата за бегалците. „Во другата страна на надежта“ не бегалците ќе им помагаат еден покераш и еден трговски патник.

Она што ги карактеризира годинешните филмови се темите, кои најчесто се занимаваат со семејството, потоа биографски приказни и, се разбира, љубовни. Единствен добитник на „Златна мечка“ во трката годинава е романскиот режисер Калин Петер Незер („Позата на детето“), кој ќе се натпреварува со една необична љубовна приказна, насловена „Ана, љубов моја“. Инаку, тука е и британската Pol Verhovenрежисерка Сели Потер со една трагична комедија со наслов „Парти“, како и наградуваната полска режисерка Агњешка Холанд со криминалната драма „Покот“. Во конкуренција се и: Сенегал, Чиле, Бразил, Кина и Јужна Кореја.

Жирито годинава го предводи секогаш провокативниот холандски режисер Пол Верховен, а меѓу членовите е и американската актерка Меги Гиленхал, потоа германската Џулија Јенч, која ја играше Софи Шол, а тука е и познатиот мексикански актер Диего Луна.

Koga denot nemase imeГодинава во програмата „Панорама“ Македонија ќе биде претставена со филмот на Теона Стругар Митевска и со една копродукција. „Кога денот немаше име“ на Митевска ќе ја има својата светска премиера на Берлинскиот фестивал, и тоа на 14 февруари во киносалата „ЗОО Паласт“. Она што предизвика големо внимание во Македонија е најавата дека филмот е инспириран од настаните кај Смилковско Езеро. Поради реакциите и коментарите беше испратено соопштение од продукцијата „Сестри и брат Митевски“ каде што се објаснува дека ова не е ниту фактографска, ниту документаристичка приказна за момчињата чии животи згаснаа под неразјаснети околности, туку дека е уметничка визија, фикција, измислена приказна. Иако мора да се каже дека е навистина многу храбро да се излезе со ваква приказна со оглед на тоа што не е поминато многу време и тоа секако е пречувствителна тема за нивните блиски, но и за јавноста, кои се уште ја бараат вистината. Но, останува да го видиме филмот. Второто остварување е „Реквием за г-ѓа Ј“ на Бојан Вулетиќ од Србија, во кој Македонија е копродуцент.