Најчести причинители за инфекција на дишните патишта се многубројните вируси, кои што се шират низ воздухот во вид на мали невидливи капки од устата и носот на заболениот. Во ладните денови, повеќе време се поминува во затворен простор, па концентрацијата на микроорганизмите во воздухот е многу поголема за разлика од летниот период. Тоа е и главната причина, што и доенчињата и малите деца „закачуваат“ настинка, а како прв симптом се јавува затнато носе.
Според некои статистики, во првите 2 години од животот, бебето просечно прележува 8-10 настинки. Она што ја разликува насинката кај бебето од таа кај возрасните, е тоа што за бебето таа може да биде понепријатна. Често пати настинката кај бебето може да биде пропратена и со инфекција на увото.
Настинката е многу непријатно искуство и за бебето и за родителите. Иако најчесто нема да остави некакви последици, гледањето на тоа како страда бебето е тешко за неговите родители. Бебето може да има затнат нос, потешкотии во дишењето, ако му е затнат носот нема да може нормално да цица и т.н. Сепак бидете храбри, за неколку дена настинката ќе помине.
Немојте да му давате на своја рака никакви лекарства, знаејки дека секое лекарство може да има штетни последици . За секое лекарство задолжително консултирајте се со неговиот лекар.
Ако бебето има температура, не јаде, губи интерес за средината околу него, постојано плаче, кашла, ако има зелен секрет од носот и сл. задолжително однесете го на лекар. Особено ако се работи за бебе помало од 3 месеци.
Иако наситнката обично е безопасна, кај мали бебиња ако не се третира соодветно може да премине во посериозни инфекции, како воспаление на белите дробови.

Како да препознаете дали е настинка?

За настинката кај бебето карактеристично е покачена телесна температура до 38 степени или повеќе, кашлање, течење од носот, болно грло, зацрвенети очи и сл. Исто така бебето може да биде нервозно и да има намален апетит. Затнатиот нос е пречка во нормалната исхрана и при дишењето.
Кај малите деца не можат да го издуваат носот, па ќе треба да обратите внимание на тоа носот да му го бришете почесто.
Симптомите на настинката обично траат 3-10 дена, иако кај мали бебиња можат да продолжат и до 2 седмици.

Кивањето не значи секогаш настинка. Кај новороденчето тоа може да биде и реакција од некоја дразба, како на пример и премногу јака светлина. Бебињата киваат кога им е ладно, и во тој случај доколку не го затоплите убаво, има можност да настине.

CLEEBO0007

Како на бебето правилно да му го исчистите носето од секрет?

Во првата година од животот, носот се чисти со физиолошки раствор. Пред да му ги ставите капките добро фатете го бебето и одстранете ја секоја можност да ви се измрда и да го повредите при апликацијата на капките. Најдобро е да го пресечете горниот дел од пластичната ампула и директно да ставите по две капки во двете ноздрви.Доколку по некое време од апликацијата на капките бебето само кивне и исфрли секрет само избришете го. Ако не го стори тоа исчистете му го носето со специјалната пумпица за нос.
Пумпицата се користи на тој начин што се става во едната ноздрва а продолжението во вашата уста, и се повлекува содржината која што ќе остане во малата комора. Истото се повторува и со другата ноздрва. Најдобро е да се почека една минута по аплицирањето на капките, па потоа да се аспирира со пумпица. Кај бебињата постари од три месеци може да се користи и пумпица со мев, но кај помали доенчиња може да направи негативен притисок.
По употреба пумпицата расклопете ја на делови и змијте ја со топла вода и сјај за садови. Немојте да ја вриете бидејќи повеќето од овие пумпици не трпат високи температури. Оставете ја да се исуши и склопете ја повторно за наредната употреба.
Носето на бебето може да се чисти и со бејби стапчиња со памук, но со тоа го чистите само излезниот дел од носните канали. За исфрлање на секретот од внатрешноста тоа не е доволно.
Обичната настинка секогаш ја предизвикува вирус, кој што не реагира на антибиотици, така да не е потребно ни да ги давате. Ако редовно го чистите носето на детето настинката ќе помине најмногу за седум дена. И покрај тоа што има капки за нос и за деца над шест месеци, најдобро е со нивна примена да се започне со наполнета една година. Ако бистриот секрет се замати и стане густ и зелен, задолжително посетете го вашиот педијатар. Најверојатно овие компликации ќе мора да се решат со примање на антибиотик, но немојте тоа да го правите на сопствена рака, обавезно консултирајте доктор.
Сепак за да го заштите своето бебе од чести настинки, потребно е да не прекинувате со доење. Имено, доењето на бебето е најдобриот начин да го заштитите неговото здравје од честите настинки и инфекции. Преку доењето бебето прима од антителата на мајката и тоа му дава поголема отпорност. Симптомите на настинка кај доените бебиња вообичаено се поблаги од оние кај бебињата кои се хранети со вештачко млеко.
Исто така, многу е важно, просторијата во која престојува бебето да е проветрена и во неа да не се пуши. Децата чии родители пушат, почесто заболуваат од настинка и настинката трае подолго.
И, се разбира, треба да ја намалите можноста бебето да дојде во контакт со настинати луѓе. Доколку е болен некој член од семејството, обратете посебно внимание на хигиената.

Boy Blowing His Nose into a Handkerchief

Совети за полесно дишење при затнато носе

Сепак, вие сте тука за да му олесните на вашето дете доколку има затнат нос и да му помогнете полесно да дише. Еве неколку совети како да го правите тоа:
• Ако бебето има затнат нос, поткренете му ја главата на 1 или 2 крпи. Немојте да користите перници, затоа што може да дојде до гушење на бебето. Ако бебето плаче затоа што му е затнат носот, земете го во раце во полу исправена положба.
• Давајте му доста течности, ако го доите давајте му почесто да цица.
• Бришете го почесто носот на бебето. Во консултација со лекарот можете да побарате да му препише благи капки (солен раствор), кои ќе му ги ставате 15 минути пред доењето. Тоа ќе му помогне на бебето да може да дише низ носот додека цица.
• Во бањата можете да ја пуштите жешката вода за да се направи пареа и да го држите бебето таму, да дише околу 15 минути. Потоа, преслечете го во суви алишта.
• Собата во која престојува бебето треба да биде пријатно топла. Не дозволувајте воздухот во собата да биде сув. Ако греете, ставете садови со вода или влажни крпи околу грејните тела за водата да испарува и да го влажи воздухот.
• Немојте да му давате никакви лекарства, ако не се препишани од лекарот.
• Немојте да дозволите пушење во просторијата каде што е бебето.
• Ако вашето бебе има затнат нос, но нема други симптоми, проверете да не има ставено некој предмет во носот.