Шефот на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини повика сите партнери во земјите од Западен Балкан да ги забрзаат клучните реформи и да направат конкретни чекори на патот на европската интеграција. Во соопштението на Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС), издадено по состанокот на Могерини со премиерите на шесте земји од Западен Балкан во Брисел, се наведува дека следната година ќе донесе единствена можност за регионот да направи неповратни чекори кон европските интеграции.

“Како што е јасно потврдено оваа година, вклучително во Европскиот совет во март и во говорот на претседателот Јункер за состојбата на Унијата во септември, 2018 година ќе се донесе единствена можност за регионот да направи неповратни чекори кон европската интеграција, ставајќи приоритет на потребните реформи, особено оние во областа на владеењето на правото, судството и основните права“, се вели во соопштението.

Во соопштението се вели дека високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и потпретседателка на Европската комисија беше домаќин на премиерите на земјите од Западен Балкан на состанокот на кој тие разговараа за состојбите во регионот, со посебен фокус на можностите за напредок во регионот во 2018 година во процесот на европската интеграција.

Се додава дека сите шест премиери од регионот ја потврдија својата целосна посветеност на процесот на европска интеграција.

Со обновена динамика на политиката на ЕУ за проширување, како и можност да се направи значаен напредок во регионот, високата претставничка ја истакна потребата од партнерите од Западен Балкан да ги забрзаат клучните реформи и да го испорачаат за луѓето од регионот она што го очекуваат во форма на конкретни чекори кон интеграцијата во ЕУ, се вели во документот Европска служба за надворешни работи.

Во текстот се истакнува дека учесниците на средбата ја нагласија нивната длабока определба и интерес за зајакнување на соработката, добрососедските односи и промовирање на регионално разбирање.

Во овој контекст, особено е нагласена важноста на разговорите помеѓу претседателите Хашим Тачи и Александар Вучиќ за напредокот во дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, заклучено е во соопштението на Европската дипломатска служба.