Голем интерес, но и револт, во јавноста изминатиов период побуди темата за субвенционирањето на македонска забавна музика, откако беа утврдени низа неправилности, непотребност од проектот, манипулации, како и беспотребно и неефектно црпење на општествени пари.

Токму поради тоа Министерството за култура, како финансиер (по промената на власта) се нафати за решавање на овој горлив естрадно-финансиски проблем.

Денеска, 17 јануари, е објавено дека МРТ ќе ги поништи одлуките за вториот и третиот квартал од Конкурсот за поддршка на домашната музичка продукција за 2017 година, кои неодамна создадоа голем револт кај граѓаните.

Стануваше збор за нови субвенции, овој пат за Дарио како ѕвезда и сума од 9.000 евра, поддршка за три песни од Александар Ристовски Принц, од исто така 9.000 евра, но и финансиска поддршка и за Кристијан Габровски алијас Ристо Бомбата (кој во изминатиов период од државата за 11 песни добил 36.000 евра).

Во соопштението се вели: „Вчера, на 16 јануари 2018 година, во Министерството за култура на Република Македонија се одржа состанок меѓу претставници на Министерството за култура и Македонската радио-телевизија, за да се разгледаат опциите за разрешување на состојбата со примената на Законот за поддршка на домашната музичка продукција. На состанокот заеднички беше констатирано дека актуелниот Закон е тешко применлив и дека не ја исполнува функцијата за која е донесен.

Исто така, констатирано е дека Македонската радио-телевизија, по спроведениот надзор и по насоките дадени од страна на Министерството за култура, ќе пристапи кон поништување на одлуките за избор и одлуките за неизбор по основ на Вториот и Третиот квартал од 2017 година.

Претставниците на Министерството за култура и МРТ се договорија во иднина заеднички да ги координираат активностите во насока на поддршка и развој на домашната музичка продукција“.

Овој проект, кој беше донесен во 2013 година, кога министерка за култура беше Елизабета Канческа Милевска 2013 година, се спроведуваше квартално (четири пати годишно),  во текот на изминативе години, ги револтира граѓаните.

Не само што не излезе хит, а потрошени се досега од буџетот се потрошени два милиони евра за оваа намена, туку и најголем дел од песните воопшто не беа емитувани, а не ги ни задоволуваа критериумите на современо продуцирана песна.

За секоја песна беше изработуван и спот- по принципот 1.500 евра песна- 1.500 евра спот. Песните беа оценувани од жири составено од познати и немногу познати макеоднски музичари, според информации во МРТВ жирито било избирано по контроверзен пат, односно со „лотариски систем“ .

Сомнителни се и недокажани и категориите „ѕвезда“, „афирмиран изведувач“, “истакнат изведувач“, “ врвен музичар“,  уште повеќе и начинот на кој тоа би се потврдило. Субвенционирањето по категории од типот „За многудетно семејство“, „за историски теми“, предизвикаа потсмев во јавноста.

Крајно контроверзниот естраден проект не даде резултат и го спушти нивото на новосодзадената македонска забавна и народна песна. Во однос на сево ова крајната одговорност треба да се бара кај иницијаторот и креаторот на проектот, како и одговорното лице од МРТВ кое го спровело.

Одговорност треба да постои и во однос на прашањето дали некој и како ги оценуваше видеата, на кој начин тие продукции беа ангажирани за изработка на видеата, и дали ги оправдале парите што ги зеле, преку крајниот ефект, што би значело- колку тие биле слушани, гледани и сл.

Инаку, сите досегашни доделени субвенции може да се погледнат на сајтот на МРТВ тука.