Македонија денеска е домаќин на меѓународна конференција на којашто фокусот на учесниците ќе се насочи кон најновите трендови и предизвици во врска со монетарната политика, финансиската стабилност и управувањето со финансиските средства во целина.

Целта на Конференцијата е да се оценат тековната состојба и идните изгледи на глобалната економија, и во тој контекст, да се открие со кои предизвици се соочуваат централните банки при остварувањето на нивните цели за одржување на ценовната и на финансиската стабилност.

На конференцијата учествуваат еминентни личности од светската финансиска елита меѓу кои и Беноа Кере, еден од шесте постојани членови на Европската централна банка, Тао Џанг, заменик главен директор на Меѓународниот монетарен фонд и Луиз Авазу Переира да Силва, заменик главен директор на Банката за меѓународни порамнувања. Најавено е присуство и на гувернерот на централната банка на Исланд и на вицегувернерите на централните банки на Чешка и Литванија, како и на претставници од најголемата финансиска корпорција за управување со финансиски средства во светот – БлекРок.

Вниманието на Конференцијата ќе се насочи кон посткризните движења на финансиските пазари во развиените и во економиите во развој, отпорноста на финансискиот систем и промените во регулативата од страна на централните банки. Дискусиите во текот на Конференцијата ќе се обидат да дадат одговор на тоа како реагираа и се позиционираа раководителите на финансиски средства во услови на спротивна поставеност на монетарните политики на глобалните централни банки и како се подготвуваат овој тип инвеститори за постепено усогласување на монетарните политики. Исто така, на Конференцијата се предвидуваат и дискусии околу идната интеграција на земјите од Југоисточна Европа, со осврт на досегашните постигнувања и идните предизвици пред овие економии.

Организатор на конференцијата е Народната банка на Република Македонија (НБРМ), во соработка со Комитетот за преобразување на Бретон Вудс од Париз, Франција  (The Reinventing Bretton Woods Committee – RBWC). Конференцијата е наменета за претставници на централните банки, меѓународните финансиски институции, глобалните банки и домашните финансиски и инвестициски институции. На конференцијата се очекува присуство на високи претставници на релевантни меѓународни финансиски институции, академскиот свет и глобалните банки, како и гувернери на централните банки, што ќе овозможи плодотворни дискусии и размена на искуства на сите учесници.