Во полната сала на Кинотека на Македонија денеска, 21 февруари, Управата за заштита на културното наследство и Кинотеката на Македонија, одржаа специјална презентација на Дигитализираниот филмски опус и ДВД – изданието на легендарниот режисер Бранко Гапо. Целта на овој настан е да се промовираат процесите на дигитална реставрација на аудиовизуелното наследство на Република Македонија, како и претставување на улогата на Управата за заштита на културното наследство во заштитата на аудиовизуелното наследство.

Во рамките на долгогодишниот проект на Кинотеката на Македонија „Дигитализација и дигитална реставрација на аудиовизуелното наследство“, почнувајќи од 2011 година до денес, дигитално се реставрирани и дигитализирани: филмскиот опус на браќата Манаки и документарниот филм „Македонија во слики, 1923“ на Арсениј Јовков кои што согласно Законот за заштита на културното наследство се прогласени за културно наследство од исклучително значење. Дигитализирани се и опусите на режисерите Столе Попов, Љубиша Георгиевски и Милчо Манчевски, како и филмовите „Татко“ („Колнати сме, Ирина“) на Коле Ангеловски, „Хај-фај“ на Владимир Блажевски и „Жед“ на Димитрие Османли, односно вкупно 15 играни филмови, четири документарни и два краткометражни играни филма.

Проектот за дигитализација на режисерскиот опус на доајенот на македонската кинематографија Бранко Гапо ги опфаќа играните филмови „Денови на искушение“, „Време без војна“, „Истрел“, „Најдолгиот пат“, „Време, води“ и „Македонска сага“. На настанот се обрати м-р Роберт Алаѓозовски, Министер за култура на Република Македонија, д-р Елеонора Петрова-Митевска, в.д. директор на Управата за заштита на културното наследство и Владимир Љ. Ангелов, в.д. директор на Кинотеката на Македонија.