Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека овие денови, освен засилена контрола врз јајцата, интензивно се следат и производството и увозот на бои за јајца и досега не се евидентирани отстапувања во однос на безбедноста на увезените прехранбени бои. Сепак, треба да се внимава какви бои се употребуваат бидејќи небезбедните бои може да имаат негативно влијание врз здравјето на граѓаните, дури и да предизвикаат тровање.

Од АХВ апелираат до граѓаните да купуваат боја за јајца исклучиво од регистрирани производители увозници, која е соодветно означена и декларирана.

Истовремено ги охрабруваат граѓаните секоја недоследност во однос на безбедноста на храната, вклучително и на производството и трговијата со јајца и бои за јајца, да ја пријават на бесплатниот телефонски број 080032222 или електронски на info@fva.gov.mk.

Во 2018 година се увезени вкупно 240.830 јајца, сите од Србија. Како небезбедни, поради несоодветно означување на рокот на употреба се поништени 16.620.