Северна и Јужна Кореја воспоставија телефонска „жешка линија“ помеѓу лидерите на двете земји, во момент кога се подготвуваат за редок самит следната недела, чија цел е разрешување на нуклеарната криза со Пјонгјанг.

„Историската директна телефонска линија помеѓу лидерите на Северна и Јужна Кореја е воспоставена неодамна“, изјави претставник на јужнокорејскиот претседател Ју Кун Јунг на прес конференција, пренесе АП.

Претседателството на Јужна Кореја соопшти дека успешен пробен телефонски разговор е направен на „жешката линија“ меѓу јужнокорејската претседателска Сина куќа и силната севернокорејска Комисија за државни прашања.

„Пробниот разговор траеше четири минути и 19 секунди, при што двајцата службеници од двете страни разговараа меѓусебно. Врската беше стабилна, а квалитетот на гласот беше добар, како да разговарате со сосед“, рече Јун.

Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин и лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, планираат да го одржат првиот телефонски разговор во пресрет на тет-а-тет состанокот кој е закажан за следниот петок, во пограничното село Панмунџом.

Јужнокорејски официјални лица изјавија дека „жешката линија“ која, како што велат, ќе се одржи и по самитот, ќе помогне да се олесни дијалогот и да се намали неразбирањето во периодот на тензии.