Македонскиот филм „Avec L’Amour“ или „Со љубов“ во режија на Илија Цветковски, а по сценарио на Цветковски и Атанас Георгиев, денеска ќе ја има регионалната премиера во Сараево како еден од 14 филма селектирани во Документарната компетитивна програма, во која се натпреваруваат за веќе познатата награда во регионот, „Срцето на Сараево“. Филмот на Илија Цветковски е посвета на еден особен човек и неговата пасија, а пред се, е посветен на животот и на сите оние мали нешта кои ја носат радоста на живеењето. Но, за филмот повеќе ќе пишуваме по неговата премиера во Сараево, каде што по проекциите се одржува разговор со авторите.

Веќе пишувавме дека оваа година како ретко која на Филмскиот фестивал во Сараево имаме најмногу учесници, филмови и проекти во развој, иако само еден македонски филм во натпреварувачката програма. Во официјалната програма на фестивалот односно „Во фокусот“ (која не е компетитивна) е вклучен и македонскиот филм „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар Митевска, каде што како косценарист се јавува селекторката на главната програма во Сараево, Елма Татарагиќ.

Повеќе македонски копродукции и проекти во развој

Во Главната програма се натпреварува и бугарскиот филм „Насоки“ на Стефан Командарев, во кој Македонија се јавува како копродуцент преку продуцентската куќа „Сектор филм“. Како копродуцент Македонија се јавува во уште два филма кои се во некомпетитивни програми, и тоа во српскиот „Реквием за г-ѓа Ј“ на Бојан Вулетиќ, кој се прикажува „Во фокусот“ и босанскиот „Жаба“ на Елмир Јукиќ, која ја имаше својата премиера во рамките на програмата „Open air“, и двата преку продуцентската куќа „Скопје филм студио“.

Да потсетиме дека оваа година во рамките на Талент кампусот имаме четири учесници, додека во програмската платформа „Pack & Pitch“ наменета за развој на проекти под менторство на меѓународни филмски стручњаци, меѓу седум проекти избран е и „Бункер“ на младиот режисер Марко Црногорски. Годинава Македонија има проект и на Синелинк копродукцискиот маркет, каде што Кристијан Ристески со неговото играно деби „Снежана на крајот умира“ влезе во групата искусни режисери од Југоисточна Европа, чии проекти се во стадиум на развој и финализирање на финансиската конструкција.

„Заложници“ се издвои во главната програма

Инаку, фестивалот веќе влегува во последната третина и атмосферата се повеќе се вжештува. Во Главната програма оваа година многу послаби филмови од претходните години, па единствениот што во овој момент би го издвоиле е грузискиот „Заложници“ на Резо Гигинешвили, кој ја имаше светската премиера во Берлин. Тоа е вистинска приказна за неколку студенти, кои ќе сакаат да киднапираат авион и да побегнат од тогашната Советска република, но работите нема да се одвиваат според предвиденото. Жесток, интересен, филм кој успева да ја долови и атмосферата и да направи добри ликови, раскажувајќи ја приказната доста живо и автентично.

Оваа година многу подобри филмови видовме во програмите „Во фокусот“, каде што се прикажаа победникот од Берлин, унгарскиот „Тело и душа“ на Илдико Ениеди, како и многу наградуваниот хрватски филм „Не гледај ми у пијат“ на Хана Јушиќ и во „Open air“, во која е вклучен новиот филм на Фатих Акин „Во сенка“, потоа на Аки Каурисмаки „Другата страна на надежта“ и многу очекуваниот филм од сараевската публика, босанскиот „Жаба“ на Елмир Јукиќ.

„Не гледај ми у пијат“ и „Без љубов“ најдобри филмови на фестивалот

„Не гледај ми у пијат“ е, дефинитивно, еден од најдобрите Ne gledaj mi u pijatфилмови на фестивалот, заедно со финскиот „Другата страна на надежта“ и рускиот „Без љубов на Андреј Звагинцев (прикажан во програмата „Киноскоп“). „Не гледај ми у пијат“ на Хана Јушиќ е приказна за една необична девојка, што се обидува да излезе од стапицата
во која е заглавена поради нејзиното чудно и инфантилно семејство, во кое таткото ги малтретира сите се додека не добие мозочен удар. Режисерката и сценаристка Јушиќ одлично ја води приказната, на повеќе нивоа, правејќи еден неверојатен портрет на градот Шибеник, на луѓето и менталитетот и на самата Маријана, која ќе помине низ толку искушенија…

На крајот публиката беше толку одушевена од приказната за Маријана во улогата на одличната Миа Петричевиќ, која беше дочекана со долготраен аплауз. Интересно е дека аплаузот и беше наменет многу повеќе на актерката отколку на режисерката, но тоа секако е нејзин успех и Хана Јушиќ подеднакво и аплаудираше, исто како и публиката, ставајќи се себеси во позадина. Секоја чест за режисерката, која објаснуваше дека својот замислен лик го нашла во Миа, која ја сретнала на плажа. Инаку Миа е студент по архитектура во Сараево.

Босанскиот „Жаба“ беше дочекан и испратен со еуфорија

Публиката со нетрпение го очекуваше босанскиот филм „Жаба“, и тоа уште пред да започне фестивалот, бидејќи станува збор за текст кој во Босна и Херцеговина и во регионот веќе десет години се игра многу успешно како театарска претстава. Летното кино кое собира илјада гледачи, беше премало за да ги собере сите, па „Жаба“ ќе има неколку репризи. Станува збор за наградуван текст на  младиот Дубравко Михановиќ, а адаптацијата и сценариото за филмот го потпишуваат Елмир Јукиќ и Пјер Жалица. И успеваат да направат извонредна граница меѓу театарската претстава и филмот, носејќи едно силно, стегнато и извонредно филмско остварување за животот во вечната транзиција во овој регион, но и живот по војната чии последици се несогледливи.

Premierata na ZabaРечиси целиот филм се одвива во една берберница, каде што на бајрам ќе се најдат двајцата браќа и нивниот пријател таксист, кој неколку години живеел во Германија. Берберот, кој бил учесник во војната, има ПТСП, живее растргнат со минатото и сегашноста, во која не може да функционира, но затоа сака да му помогне на неговиот брат и ги осудува сите оние кои немаат почит, ниту однос кон вистинските вредности. Наеднаш ќе настане таква драма помеѓу нив, избивајќи на површина, целата болка, немоќ, неснаоѓање и неприфаќање, ќе излезат на површина уништените животи, чиј мир и едноставност веќе никогаш не можат да се вратат. Емир Хаџихафизбеговиќ е маестрален, се чини дека тоа е една од неговите најдобри улоги и голема штета е што овој филм не е во конкуренција, па Хаџихафизбеговиќ не може да конкурира за наградата за најдобра улога. Филмот е направен во копродукција со Хрватска, Србија и Македонија, а одличната и многу ефектна фотографија ја потпишува Дејан Димески.

Инаку, покрај Емир Хаџихафизбеговиќ, во филмот играат и: Александар Сексан, Мирсад Тука и Моамер Касумовиќ. Интересно е дека Хаџихафизбеговиќ игра и во претставата, па сепак, за босанските медиуми изјавуваше дека ова е неговата најтешка улога, бидејќи се играл себеси. Како што велат, по оваа претстава луѓето се толку потресени што си ги забораваат чантите, чадорите, капутите… Така беше доживеан и филмот, со големи емоции, и испратен со огромен аплауз, а особено Хаџихафизбеговиќ. Иако тука беше целата екипа, сепак, тој беше оној од кој сите очекуваа нешто да каже. А тој посака веќе никогаш и никаде да не се случи војна и веќе никогаш да не потече крв, додавајќи дека постојат само луѓе и нелуѓе, дека сите други поделби се лажни.

Сунчица Уневска