Фељтон: Навлегувањето на староегипетската митологија на Балканот (2)

( Авторот Рубин Земон ја разработува темата за Египетските колонисти и внесувањето на староегипетската митологија на Балканот, нивната духовна култура, народната медицина...Авторот е доктор по етнологија, поранешен доцент на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид и актуелен професор на Универзитетот „Евро-Балкан“ во Скопје )

0
42

За луѓето, Земјата и вселената

Ретко во која област од народните знаења има пофантастични сознанија, отколку е тоа случај со претставите за самите себе и воопшто за луѓето и народите, па за планетета во која живееме и вселената што не опкружува. Тоа е сосема разбирливо кога многу нешта од оваа сфера претставуваа голема мистерија, чие објаснување ги потикнуваше луѓето повеќе да веруваат на легендите бидејќи во нив единствено се нудеа некои одговори, во текот на столетијата и многу милениуми.

Огромното мнозинство од луѓето на Балканот, без разлика на верското убедување, веруваа и веруваат дека  “Господ или Алах, вечен и без почеток, ги создал земјата, небесата и луѓето, сите видливи и невидливи суштества. Човекот е двојно суштество: неговото тело е материјално, смртно и распадливо (направено од земја во која се враќа), додека душата (духот) била и е вечна”.

Во староегипетската митологија создавањето на светот се сметало дека произлегло од светскиот океан НУ, каде постоел Неб-ер-чер (Господ до најголемите граници) или пак Нетер (Volis Badž, E.A. 1985: 13-14). Тој бог го зеде обликот на создавателот –Кхепри. Бидејќи го изговорил своето име и го утврдил местото на кое ќе стои, Кхепри или Ра, богот на Сонцето, се соединил со својата сенка и така го створил Шу, богот на сувата атмосфера и Тефнут богот на водата над небесата. Потоа, тие две спротивности се соединиле и го добиле потомството Нут (небото) и Кеб (Земјата).

Во текот на целиот ден, додека Сонцето, го поминувало својот пат од исток спрема запад, а земјата Кеб стоела на место, Нут стоела на своето место над Земјата, но додека темнината се спуштала, таа постепено слегувала се додека не се запрела на градите на Кеб, богот на земјата. Кеб и Нут се родителите на Озирис и Изида, Сет и Нефтида (Robinson, H.S., Wilson, K., 1976: 7-8.).

На Балканскиот Полуостров низ историјата постоеле повеќе измислени претстави за објаснување на земјата и небото. Најраспростарането било верувањето дека земјата е некој вид на плоча (тепсија и сл.) поклопена од небото, што има форма на сач, и дека е неподвижна и околу неа се врти Сонцето и Месечината, т.е. навечер Сонцето се движи под неа, а сачот (небото) на кое се окачени ѕвездите, се спушта.

Оваа верување е многу слично и аналогно на строегиптеското верување за Нут и Кеб, а со оглед дека сачот и тепсијата, се ковачки производи, можно ова верување на Балканот да е инсталирано од страна на египетските колонисти, обработувачи на металот. За земјата замислена како плоча, на Балканот се веруваше дека лежи на грбот на волови, кои при размрдување ги предизвикуваа земјотресите. Имајќи во предвид дека и волот односно бикот Апис е еден од најпочитуваните животни во Стариот Египет,  можноста за староегипетското влијание во оваа верување за земјата е уште поголемо.

Инаку длабоко е вкоренето чувството за почит кон земјата, која на Балканот ја викаат “мајка земја”, бидејќи таа ги храни луѓето, бидејќи раѓа жито, овошје, зеленчук и др., му подарува и други нешта (материјал за градење на живеалишта, руда итн.).

И покрај тоа што учењето за Страшниот суд за луѓето на Балканскиот Полуостров во најголема мерка е инсталирана со појавата на христијанството, немаме сознанија за тоа колку Египќаните колонисти, успеале да го наметнат кај другите заедници на Балканот, нивното верување за патувањето на душата после смртта (душата во Стариот Египет се нарекувала Ка), преку реката, до страшниот суд, каде што требало да им суди Озирис за нивните гревови за време на животот, па според тоа и човекот да воскресне, како што заживеал Озирис (Фрејзер Џ.Џ., 1992: 463).

Овие верувања кои што постоеле во Стариот Египет, можат да се сретнат низ многу претстави во пирамидите, храмовите и папирусите, било во ликовен или текстуален вид, што денес се нарекуваа “Книга на мртвите”. А со оглед на тоа дека на  вратата на влезот гробовите во Микена, е насликан двојниот лав Акер[1], симболот на воскреснувањето на Озирис, со сигурност можеме да кажеме дека таквото верување постоело на Балканот во античко време, најверојатно донесено на Балкан од египетските колонисти. Имајќи во предвид дека христијанството, а потоа и исламот инкорпорирале многу верувања од предходните цивилизации, прифаќањето на верувањето во христовото воскреснување и верувањето за задгробниот живот и страшниот суд што го нудело христијанството, не било  туѓо за припадниците за египетските колонисти, а можеби и за другите балкански народи и заедници.

За тоа како е создадена водата во народните знаења, недостига конкретен одговор. Меѓутоа, широко е распространето верувањето дека порано се било вода, т.е. потоп. Во староегипетската митологија, рековме дека светскиот океан НУ, го создал Неб-ер-чер (Господ до најголемите граници). Инаку, на Балканот големите мориња и океани најчесто беа означувани како “големи води”, што го обиколуваат копното од сите страни.

Во народната космографија, најголемо внимание кај сите балкански народи предизвикуваат: Сонцето, Месечината и ѕвездите. За Сонцето освен верувањето дека се движи околу земјата, во Стариот Египет беше почитувано како извор на севкупниот живот на Земјата, а на Балканот како култ. За неговото изгревање и залез постоеја поголем број обичаи- што треба, а што не треба да се прави. Кај  ковачите на пример, постоше верување дека железото најдобро се заварува кога Сонцето е најјако во денот.

На Балканот многу е распростарането верувањето дека Сонцето и Месечината се брат и сестра, кои постојано настојуваат да се сретнат, но без успех, односно многу ретко (кога имало затемнување на Сонцето или Месечината). Луѓето беа свесни дека должината на денот е во зависност од Сонцето, дека денот расте или се намалува по истекот на зимската и летната рамноденица Еница (Варвара) и Вртолом. Постоело верување дека постојат две сонца: летно и зимско. Кога доаѓа летното сонце природата оживува, а кога настапува зимското сонце таа заминува на одмор. За разлика од Балканот, во Стариот Египет пак во текот на еден ден разликувале три сонца- Кхепри на наутро, Ра на пладне, Амон приквечерина.

И поделбата на годината на 12 месеци, за кои имаа различни народни имиња, поврзани со работата што ја работале, или со временските прилики, може да се доведе во врска со Стариот Египет. Според Херодот, старите Египќани од сите народи први ја установиле годината и ја поделиле на 12 месеци, водејќи сметка за одот на годишите времиња, а Хелените, имале грешка со тоа што на секоја трета година додавале по еден месец, за да се вклопел природниот од на времето. Поради тоа Старите Египќани први именувале 12 богови, а Хелените тоа го превзеле од нив.

(продолжува)

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР