„Форплеј“ го отвора патот до магијата на Охридско лето

0
33

Со концерт на американскиот џез-квартет „Форплеј“ вечерва на Античкиот театар во Охрид свечено ќе биде отворено 57-то издание на фестивалот Охридско лето. „Форплеј“ на спектаклот како што беше најавен од организаторите, ќе настапат заедно со оркестарот на Македонската филхармонија под диригентската палка на Емин Џијан.

Највозрасниот член на групата, Боб Џејмс, на прес конференцијата ден пред отворањето рече дека се одушевени од Македонија, каде ќе настапат првпат.

– Како најстар член на групата можам да кажам дека сме одушевени од вашата земја. Имаме настапувано скоро во целиот свет, но првпат сме тука, во Македонија. Чест и задоволство е што ќе настапиме со вашиот национален оркестар. Само на тој начин можеме да го почувствуваме духот на овој народ, изјави Џејмс.

Музичарот Харви Мејсон ја нарече Македонија библиска земја.

– Оваа земја е спомната во Библијата и ми причинува особена чест што имам прилика да дојдам тука, рече Мејсон.

Музичкиот селектор Ѓорѓи Цуцкоски рече дека огромна е честа да се најави светски познатиот состав на музичари, современиот џез-квартет „Форплеј“, кои повеќе од две децении ужива уметнички и комерцијален успех на светската сцена. Со издадени повеќе од 12 албуми тие се нашле на врвот на Билбордовата листа на современи џез-албуми.

На програмата на 57 издание на фестивалот се неповторливи настапи на светски познати имиња и ансамбли од музичката, драмската уметност што од утре до 20 август ќе се одвиваат на сцените на Античкиот театар, Долни Сарај, црквата „Св. Софија“, нејзиното предворје, Центарот за култура „Григор Прличев“, но и други интересни локации низ градот.

Во претстојните 40 фестивалски денови, како што најави директорот на Фестивалот Оливер Арсовски, ќе има рекордни 57 настани.

– Првпат во историјата на Фестивалот на свеченото отворање ќе имаме џез-настан, кој предизвика невиден интерес кај публиката. За утрешниот концерт пристигнуваат љубители на џезот буквално од целиот регион, рече Арсовски.

Новина на Фестивалот, додаде тој, се џез-вечерите на 19-ти, 21-ти, 22-ри и 23 јули, а на програмата има 33 врвни концерти, девет театарски претстави, две балетски претстави, филм за охридскиот бисер, изложби…

– Имаме една целокупна програма која изобилува со врвна уметност и атрактивни нови содржини благодарение на новите селектори, музичкиот Ѓорѓи Цуцковски и селекторот за драма Зоран Љутков, истакна Арсовски.

Фестивалот за годинашното издание првпат има мото „Патот до магијата“, а сменето е и долгогодишното лого.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР