Гулен: Нема да бегам од САД, ќе одам во Турција ако треба

0
42

Фетула Гулен, муслимански свештеник кој живее во егзил во Пенсилванија, а кого Турција го обвини за организирање на неуспешниот државен удар обид на јули 2016 година, вели дека не планира да избега од САД и дека ќе ја прифати екстрадицијата, ако Вашингтон одговори позитивно на барањето на Анкара за негова екстрадиција.

Во интервју за Ројтерс во обезбеден комплекс каде што живее во планините Поконо во Пенсилванија, 79-годишниот Гулен го негира тврдењето кое турската влада го изнесе во февруари дека тој имал намера да побегне во Канада, за да избегне екстрадиција.

„Овие гласини не се вистинити. Ако САД смета дека е соодветно да ме екстрадираат, јас ќе одам во Турција“, рече Гулен.

Гулен, сепак, изразува надеж дека администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп нема да дозволи негова екстрадиција, особено откако поранешниот советник за национална безбедност Мајкл Флин поднесе оставка само неколку недели по инаугурацијата на Трамп.

Флин, инаку, отворено се залагаше за екстрадиција на Гулен, потсетува британската агенција. Гулен вели дека му е жал за Флин, но признава дека неговата оставка може да му помогне на случајов.

Муслиманскиот свештеник го осуди зајакнувањето на власта на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган и контролата врз медиумите, нарекувајќи го диктатор, а истовремено ја повика администрацијата на Трамп и европските влади да направат повеќе за да охрабрат воспоставување на политички слободи во Турција.

„Ако Ердоган слушне силен глас од САД или Европската унија, Европскиот парламент, кој вели: „Ова што го правите не е во ред … вашиот судскиот систем не функционира“, тогаш тој можеби ќе се премисли“, вели Гулен.

Од друга страна, тој ја поздрави политичката опозиција во Турција и истакна дека секој нов обид Ердоган да се отстрани од власт треба да се направи преку мирни протести и избори, а не на недемократски начин.

„Јас никогаш не го поддржав државниот удар или соборувањето“, рече Гулен.

Британската агенција наведува дека тој е во лоша здравствена состојба и тешко оди. Ердоган во мај, изјави дека „до крај“ ќе истрае во барањето на Турција за екстрадиција на Гулен, кој негира каква било вмешаност во обидот за државен удар во Турција минатата година, но во исполнувањето на барањата на Анкара досега нема напредок, пренесува Ројтерс.

Американски официјални лица неофицијално изјавија дека иако Ердоган апелираше директно до Трамп за ова прашање, Турција не доставила доволно докази за Министерството за правда на САД да може да делува.

Гулен, поранешен сојузник на Ердоган, живее во самонаметнат егзил во САД од 1999 година, и претседател е на движење кое се претставува како хуманитарно-религиозно. Неговите следбеници работат со глобална мрежа на училишта и бизниси поврзани со гуелнистичкото движење, а Советот на турската национална безбедност таа мрежа ја прогласи за терористичка група два месеци пред неуспешниот обид за државен удар.

Следбениците на Гулен, сепак, тврдат дека неговото глобално движење – познато како „Хизмет“ – има за цел да шири умерен ислам промовирајќи образование во западен стил, слободни пазари и меѓуверска комуникација.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР