Каде завршува претплатата за радиодифузна такса?

Не сум сама во ова прашање. Чинам дека два милиони гледачи во Република Македонија стоиме зад ова прашање (според моја проценка), и неодредена бројка надвор од Македонија. Одговорот е прост и јасен – МРТВ зема огромни пари од претплата, кои се стопуваат (не знам каде и како), а не ги задоволува критериумите на современа информативна, едукативна, забавна телевизиска куќа со современа информативна, едукативна и забавна програма!

Ако не ми верувате, прашајте кого сакате, па на увце, и тие самите што ја креираат таа програма ќе ви потврдат – „да, така е!“

На Македонската телевизија со години наназад не можете да сретнете нешто што би ви го задржало вниманието, а ни Тв ликови кои можат да го сторат тоа (со должна почит на многу мал број исклучоци). Емисии, циклуси, репортажи, музички програми, на кои гледачот би се насладувал- нема! Затоа претплатниците со многу голема радост чесно и навремено си ја плаќаат тројно поскапата претплата за кабловските телевизии, и гледаат разни шоу емисии и серијали од други говорни прдрачја, а за националната МРТВ секогаш негодуваат и со горчина ги даваат законски пропишаните 190 денари месечно. Иако МТВ треба да биде симбол за Тв достигнувања, квалитет и бренд.

„Прастари“ телевизиски форми, ликови, репризи кои никого веќе не го интересираат, некои нови емисии со превртена историја конотација… Досадно!

Во време на невидена експанзија на електронски медиуми, очекуваш програма и од државната телевизија на некое ниво. Ако пресметаш колку претплатници има, и ги помножиш со нивните (не ретко присилно одземени) над 3 евра, се добива констатација дека се добиваат милионски суми, а дека МРТВ е „присилник“!

Од сите тие „лавовски“ суми на пари кои се собираат, зарем заслужува на ТВ екранот да нема ниту емисија која доволно ја ескпонира и рекламира придната убавина на пределите, на „неоткриените“ места на земјава, да нема најбрза информација, да нема актуелности, да нема отворени и контактни емисии, да нема шоу кое би ти ја зоврело крвта (во позитивна смисла), да нема млади лични Тв ликови, кои би ти ја „освежиле“ глетката…

Револтот е поголем, кога ќе се земе предвид дека има најголеми студија, простории, капацитет, а еже рековме, нема емисии и шоуа кои би биле радост за гледачите. За детски или тинејџерски програми, да не зборуваме.

Најлошо од се е што и тие неколку кревки програми што се прават – иако дебело плаќаме радиодифузна претплата, се изработуваат со скромна сценографија, скромни технички ефекти, и најчесто  во копродукција, или изработени од приватни продукции. Чуму? Кој ги оценува тие проекти? Кој им дава пристап до екран на тие ликови? Дали нивниот говор, употреба на јазик, речник одговара на нивото кое треба да го има еден водител/ка на национална телевизија?

Кој го има одговорот на ова прашање? Над два милиони луѓе во Македонија, и не знам колку надвор.

Јас моите пари, дадени за поддршка на државата и нејзината национална телевизија, не сакам да одат во приватен џеб и за приватна продукција. Згора на се, тоа е најголемото понижување и на капацитетите на МРТВ, градени со децении, на нејзината традиција, на значење за една држава, и на кадрите кои работаат таму.

Ако не се „доволно добри“, ако ги прегазило времето, и не се во тек со времето, можеби е добро да се обноват и засилат со нови кадри, но никако да се потценат и заменат со луѓе, приватници, кои најчесто се и импровизатори. Како да не постојат.

Дури и на фестивали и на моменти кои се целосно лиценцирани од МРТВ, не им се дава шанса во тимот да влезат нивните професионалци, се ангажирата луѓе од страна, по нечија „приватна проценка“. Со тоа не мислам дека МРТВ треба да е затворена, напротив, треба да е отворена за своите граѓани, но доколку тие се врвни и незаменливи професионалци нека повелат на конкурс, да си го најдат местото таму, тоа е веќе друго. И да креираат достојна програма, достојна за времето во кое живееме.

Продукцијата на една телевизија треба да се создава и одвива во нејзините простории и студија. Со ангажирани професионалци кои имаат едукација за тоа. И искуство. Или свежи идеи. МРТВ едно време беше расадник на млади таленти.

* * *

Лето е! Да се задржиме на забавниот дел, кој изостанува, а толку ни треба. Освен ако не го сметаме за „забава“ моментот кога, пред две лета, пијана водителка или во некоја „вештачка еуфорија“ (барем така се зборуваше во јавност) за време на трагедија, за поплавите, недоветно запаѓаше од смеење пред екранот во директен линк, држејќи го микрофонот пред сериозниот и зачуден соговорник- експерт.

Освен што забавните емисии ги нема, и тие малку што ги има се оскудни. Обврската на граѓаните е да плаќаат редовно радиодифузна такса, не за да и се изгуби трагата на сумата, туку да си ја добијат својата нарачана и платена услуга – на квалитетни емисии, програми, со добри концепти, разонодувачки, ведри, со современи музички видеа, спотови, снимки.

Ако некој мисли дека сме заборавиле какви забавни и шоу емисии сме имале, какви песни сме слушале, какви видео записи сме гледале, се лаже. Памтиме се, до последен рефрен. Но, штета што ништо од тоа веќе не оди на програмата на МТВ. И тоа што оди е по некоја чудна селекција, е исто па исто, преповторувано и репризирано, со само неколку ликови, песни (продукции). Шеми „на ти го- дај ми го“, видливи и за голо око!

Современите спотви кои се снимаат (во следната колумна ќе посочам линкови од барем десеттина такви кои се прават во светот, а може и Вие да ни пратите некој предлог) воопшто не личат на оние кои се емитуваат на националната куќа. Не велам „прават“, зошто, не се прават. Само емитуваат тоа што им сервирата други, наместо да е обратно.

Лето е! Нека се пребара по архивите нешто добро за реприза, нешто снимено и искреирано некогаш од вистински професионалци, а не од импровизатори. Да се освежиме. Заслужуваме малку убаво музичко интермецо.

А кога ќе се подобри целокупната програмска шема и концепција, ќе ги добиете заслужено и нашите пари за радиодифузна такса чија сума, еве јас како граѓанин јавно прашувам, зошто не знам (и не гледам со опипливи и конкретни докази) каде завршува?

Твоја, Парго

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР