Мируна Симијан: Куклите ја оживуваат магијата на Шекспир!

Една од оние претстави кои беа најпозитивни на неодамна одржаниот „Битола Шекспир Фестивал“ без двоумење е „Сонот на летната ноќ“, што ја изведе куклениот театар „Тцандарика“ од Букурешт. Ова е еден од најстарите куклени театри во Европа, формиран во далечната 1945 година.

Со својата мошне интересна претстава „Сонот на летната ноќ“, во режија на Кристијан Пепино, се претставија во малата сала на Народниот театар во Битола. Како што ни кажа Мируна Симијан една од одговорните луѓе во театарот, со оваа куклена претстава за првпат настапуваат надвор од Романија, но веруваат дека ќе посетат многу земји, а можеби и повторно ќе добијат покана за гостување во Македонија. Во кусиот разговор не запозна со идејата.

-Навидум, претставата се чини дека е за деца, но „Сонот на летната ноќ“, во изведба на нашиот театар е наменета за тинејџери и возрасни, а е работена во анимациски манир на светла и сенки. Оваа претстава премиерно беше изведена во септември, минатата година. Инаку, досега има освоено повеќе награди на фестивали каде се прикажувала, вели Симијан.

Со овој перформанс, една од задачите што си ја поставиле пред себе е да ги разбијат предрасудите дека куклениот театар е само за деца.

-Оваа куклена претстава со анимации е наменета за тинејџери и возрасни. Шекспир е секогаш  голема провокација да се работи, а куклите дефинитивно ја оживуваат таа магија, подвлече Симијан за text.mk.

Таа ни кажа дека не е запознаена со постоењето на Tеатарот за деца и младинци во Скопје, за нивните претстави, и се надева дека во иднина можеби и ќе се запознаат и ќе имаат успешна размена на куклени претстави, или, и соработка.

Фото: Стефан Ѓоргиевски

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР