„Никад није касно“ да се победи на „Канео фест“!

Пред околу 15-тина години, Васе Трајковски, еден од основачите на македонскиот огранок на евровизиски фанови ОГАЕ, ме праша дали може некаде на нашите фестивали да гостува заинтересиран млад Французин, кантавтор на шансони. Иако, тогаш отпочнатиот „Канео фест“ беше ориентиран кон домашни пејачи и автори, пријателството со директорот Вили Котовски го искористив да го прашам, на што добив телеграфски одговор – „ Вале, не треба ни да прашаш!“ Нашата пријателска и професионалната  релација посебно ја збогатуваше мојата новинарска поддршка на фестивалот, кој широко ги отвори вратите за младите таленти.

Оние кои не ги познаваат нашата сцена и околности никогаш нема ни да претпостават со какви маки се соочува организатор за организирање на таков фестивал, колки тоа бара напор и финансии, а колку трошоци, но и загуби, носи.

Момчето дојде, на стапи пред полниот амфитеатар, ја освежи програмата во ревијалниот дел, доби аплаузи, но бидејќи преносот на МТВ заврши, отрчав до репортажната кола ја замолив Мери Попова да снимат и од трите негови изведби, со интервентна помош на Мери, две се снимија. Нешто подоцна ми пиша Антони Флоран, а и ден денеска ми праќа рачно напишани писма на македонски јазик.

За тогаш младиот студент по право и меѓународна дипломатија беше преголема возбуда кога пријатели Французи му рекле дека некаде на сателитска програма ја виделе неговата изведба на „Coeur de cristal“. Оттогаш досега, Антони ја промовира Македонија на секој можен начин, зошто ја носи во своето срце (од кристал).

*      *

Ни во најлуд сон не сонував дека еден ден и јас ќе го оставам своето срце на таа сцена. Музиката и љубовта чуда прават. И пред се, уметност. Се случи се со некое спонтано и неочекувани околности  мојот колега дописник Цане Трајчевски, да ме убеди  да испеам негов текст, еден, па уште еден, па уште еден, а во авторската екипа секогаш се вклучувале мои пријатели автори кои таа желба ја прават од сон јаве. И овој пат.

Песната „Парче душа за Тебе“, за која навистина долго немав време од презафатеност да ја снимам, ја сработивме кај познатиот и мошне талентиран рокер Ристо Апостолов.  Ја слушнав композицијата на Ристо во 19 часот, во 19.21 минута почнавме со снимање, во 20 часот верувале или не, веќе бевме на кафе во кафулето „Деветка“ на Дарко и Маја Панчеви, со неверување дека ќе биде (моето снимано) како што треба.

Но, освен што е мајстор, Ристо со љубов ја скоцкал песната. Следниот чекор беше, кога ја добив и се плашев да ја преслушам, да им ја пратам во инбокс на неколку пријатели, за коментар. Брзо и еуфорично ми одговорија дека е многу убава, хитовска, што ме охрабри да им ја пуштам и во Редакција и да ја заиграм и малата Индиа. Аплаузи, аплаузи, благодарам, благодарам!

Повторно поради професионални обврски и патување не остана време да ја научам, и синоќа (втори јули)  на час, два пред самиот фестивал, пиејќи со пријателки кафе во охриското кафуле „Инстинкт“ дојде и мојот пријател Васко Божиновски со негова колешка и го замолив да ми ја пушти на неговиот мобилен. Јас преслушав и ми дојде идеја и тој да се качи на сцена и го одглуми оној на кому му се обраќам со „Аморе, Аморе, Ти амо, Ти амо!“

Васе е тип од забава, веднаш прифати. Испеавме, одглумивме, прва награда од публика. Не да се радував, полетав. Овој пат, посебно, иако на „Канео фест“  уште од самото мое деби (2013) со тимовите освоивме Гран при, трета награда од жири, втора од публика, прва од публика, награда за аранжман, на познатиот пејач и автор Игор Узунов.

Но овој пат, ми се слади тоа што позитивната песна ги растресе сите во публика. Ако прашате колку своја публика имав јас-овој пат најмногу,  тоа беа Кате, Киро, Наташа, Робертина, Маргарита, Мелина, Марина, друг пат сум немала воопшто. Публиката, искрено кажано, беше малубројна, зошто си замина.

Тоа ме натера, додека се радував да си поставам, неколку прашања.

Публика немаше зошто дуваше силен ветар, некој рече, организаторот Тв Морис не го изрекламирал доволно својот фестивал. Ајде тоа ќе сфатам, ние сме помодари и одиме само на настани со силна пропаганда и каде некој ќари огромни пари од нашиот џеб.

Ама да пропуштиш таква ексклузива? Само Сплитскиот фестивал се одвива додека во близина заплискуваат морски бранови и во нив се леат рој медитерански ѕвезди, а „Канео фест“ овој пат се одржа на пристаниште, токму пред езеро, и под сводот на ѕвездите. Неповторливо, Магично! Магија без крај.

Настапија познати и непознати пејачи. Опеани беа Охрид, Скопје, Битола, љубовта, разделбите, романтиката, чувствата, дури и убавината на фестивалската водителка Кристина, згодна како „езерска“ сирена.

Гранпри во фолк делот зеде легендарната Славка Младенова, специјално дојдена од Шведска, а во поп делот големото и прекрасно извенадување, водителката од ТВ Сонце, Мери Тодорова Младеновска, чија интерпретација сите ги извади од кожа, и се обидуваа да ги сокријат солзите. Нешто за чиста десетка, и над тоа. Тоа е Канео фест. Дава шанса да се блесне (повторно), кога најмалку се очекува.

-Дали го знаеме „Канео фест“? Дали сме слушнале? Дали го цениме и вреднуваме колку што треба? Иако упорно, безбуџетно и со многу душа ги отвора портите за сите и оние кои се дебитанти, и оние кои можеби со својот вокал не се за на сцената во париска Олимпија.

-Дали има доволно дебитанти? За жал не. Тие не си ја искористуваат доволно оваа подарена шанса. На нив како да им е помило да пеат на реалити шоуа кои траат една ноќ, каде потценувањата и постмевот се главна храна на жирито, и каде од себе може свесно и самоволно да направиш циркузант.

-Дали, пак, има доволно ѕвезди? За жал не. Тие мислат дека таа сцена не е доволно на ниво за нив, а некои и не сакаат да ја платат минималната котизација од 50-тина евра, многу помалку од вечера во некој охридски ресторан. Директорот  на Тв Морис, Јован Трпеноски, со децении работел во Радио Белград и неговите критериуми се високи, но има подеднакво разбирање кон секого што сака да настапи.

-Дали има доволно поддршка од градот и државата? За жал, повторно не. Зошто кога би имало, се би било поинаку. Скапа бина (каква што имаше истата вечер пред Чинарот за фолклорните ансамбли), наредени столчиња за публиката да седне, оти три часа на нозе не се издржува, градоначалникот во прв ред, музичари, охридската елита и се понатаму. А и МТВ да го снима, национална телевизија на која сите ние имаме подеднакво право. И на музиката сите имаме подеднакво право, зарем не?

И државата и општината треба да се вклучат и плански да го финансиираат. Зошто знаете што, непријатно е чувството кога ќе погледнеш од сцена и го гледаш охрискиот славеј, гласот кој е непроценливо етно богатство Мишко Србиновски- Микеле во жири, и антологиски признатата Маргарита Христова, дама со полни раце европски награди.

-Ги искористуваме ли ние сопствените капацитети? Потенцијали. Убавина? Мислам дека не. И многу други „дали“ и „зошто“.

Но, како и да е мислам дека јас и мојот тим имаме хит! Она „Аморе, Ти амо“ толку го увелича и му даде шарм и интернационална димензија што замислив колку би било убаво да се слушнат песни на јазици на нациите со кои судбински ги делиме тие бисерни ѕвезди и бранови.

Може се, зошто само на „Канео фест“ ќе сретнете и автори и пејачи и улични изведувачи, за кои нема место на големите македонски фестивали, зошто таму долго време се едни исти шеми, имиња, стилови, дежа ву, дежа ву.

*    *

Утрово ете го и Вили, од Русија, првиот директор на „Канео фест“.  Ми честита со куп комплименти а меѓу другото и додаде: „ На твојот композитор да му ги пренесеш мите честитки, вакво хитче ни треба за Евровизија, многу интересно, различно од се она што се создава кај нас комплет – фантастично се пренесувам некаде на југот на Италија, буди оваа песна многу романтика на некое време, поттикнува на размислување, на длабоки чувства на романтика и поттикнува човек да се насмее задоволно и да живее – да живее!“

Дознавам дека Вили во Русија подготвува голем интернационален фестивал, кога ќе даде БОГ. Зошто да не. Кога успеа да го создаде „Канео фест“, никогаш не е доцна да се организира нешто убаво, никогаш не е доцна да се победи на „Канео фест“, никогаш не е доцна да се има хит. На „Канео фест“ поради скромниот буџет,  можеби нема продукциски најсилни песни, но најважно од се, тука се запазени човековите права, може секој, дава шанса на секоја песна, без предрасуди. Понатаму, пошироката публика ќе каже после што може, а што останува зад жолтата линија.

Од она што го слушнав годинава беа испеани убави летни хитови и балади, кои треба да бидат емитувани на нашите радио станици, барем на охридските. Ако завршат како субвенционираните и ред други фестивалски (кои не се „менаџирани“) покриени под плаштот на заборавот, немо и тивко ќе зборуваат за нашата национална негрижа, неорганизираност и неценење на сопствените таленти,  капацитети,  можности и убавина.

Твоја, Парго

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР