Во септември во Скопје “Иван се враќа дома”

Театарот „Мастерскаја П. Фоменко” од Москва, го претставува фестивалот „Иван се враќа дома”. По прв пат во Македонија три спектакли од режисерот Иван Поповски на сцената на МНТ:
– Алиса зад огледалото (7+) – 16 и 17 септември
– Отровната туника – 19 и 20 септември
– Сон на летната ноќ – 22 и 23 септември
Доделувањето на престижната награда „Златна маска” за најдобра претстава во Русија во 2015 година на „Сон на летната ноќ”, беше на некој начин официјализирање на реакциите на печатот и публиката што ѝ претходеа на наградата. Печатот едногласно ја прогласи претставата за извонреден театарски настан – „…во време кога се чини дека веќе ништо не предвидува радосна театарска игра, на публиката ѝ се случи “Сон на летната ноќ” произведувајќи ефект на кислородна терапија за оние што се задушуваат… ”, и ја опиша како „дефинитивно исклучителна претстава и, најверојатно, пресвртница што ќе внесе нова надеж во скриените ресурси на театралноста, како кај Мастерскаја на Пјотр Фоменко, така и кај театарскиот систем во целина”.
„Алиса зад огледалото” е првата претстава за деца и возрасни на „Мастерскаја П. Фоменко” и првата претстава од ваков вид на Поповски. И оваа претстава ја одушеви критиката, која заклучи дека „…Поповски го послушал советот на писателот да не ги објаснува неговите измислици, а си поставил за цел да ги оживее на сцената… поубава и поинвентивна претстава не може да се изнајде низ цела Москва…”. Претставата ја одушеви и специфичната публика за која Поповски по прв пат режираше, а критиката уште напиша: „да се забавува сегашното, во секој поглед разгалено дете со театарски средства, така што неговите очи да светат од воодушевување цели три часа – оф, тоа не е лесна работа!”. „Алиса зад огледалото” ја доби наградата Златен витез за најдобра претстава за деца.
„Отровната туника” е волшебна, и воедно егзотична постановка на трагедијата на Гумиљов. Таа се игра на репертоарот на „Мастерскаја П. Фоменко” веќе 15 години предизвикувајќи несмален интерес кај публиката, поради што билетите за претставата се продаваат според листа на чекање. „Никогаш досега не се чинело возможно на таков начин да се претстави тоа трагично спокојство, полно со романтични мечтаења, кое ја сочинува суштината на поезијата на Гумиљов. Поповски навистина го знае клучот за несценичните, но најпрекрасни театарски текстови на руската модерна“, напиша печатот за претставата, оценувајќи ја и како „прескапа, но безумно убава”.
Билетите се во продажба преку: https://www.kupikartizase.com/category/mnt

Иван Поповски повеќе од 25 години живее и работи во руската престолнина Москва. Дипломираше во класата на познатиот театарски режисер Пјотр Фоменко, на Руската академија за театарска уметност (ГИТИС) во Москва. Поповски е еден од основачите на театарот „Мастерскаја П. Фоменко”, а има режирано и повеќе проекти во „Театарот за музика и поезија на Елена Камбурова” во Москва. Неговите театарски претстави, како и опери, се играни ширум светот, меѓу останатото и во САД, Франција, Бразил, Италија, Белгија, Србија, Хрватска, Словенија, Полска, Германија, Литванија, Шведска, Австрија, Египет, Турција, а негови претстави се поставувани во Русија, САД, Франција, Хрватска, Словенија, Македонија, вклучувајќи ги и сцените на некои од најреномираните европски театри како „Бољшој“ во Москва и “Одеон” во Париз.
Покрај престижната награда за најдобра претстава на годината од московската критика за неговата прва, студенстка претставата „Авантура“, која влезе и во електронската енциклопедија „Најважните театарски настани во Русија во последните 50 години“. Toj е добитник и на мноштво други значајни тетараски награди вклучувајќи: гранд при на фестивалот БИТЕФ, Наградата за литература и уметност на Градот Москва која ја доби заедно со артистите од „Театарот за музика и поезија на Елена Камбурова”, Кристалниот Турандот и националната награда Музичкото срце на театарот за претставата „Четири годишни времиња“ итн. Во 2009 година тој го доби и Пушкиновиот орден за посебни заслуги во промоцијата на рускиот јазик и уметност, доделен од тогашниот претседател на Руската Федерација, Дмитриј Медведев.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ КОМЕНТАР