Ако не успеаја да утврдат протоколи за настава во изминативе шест месеци, како ќе утврдат за една недела?

376

Пишува: Наташа Доковска

И покрај ветувањата дека до денеска ќе има одлука на кој начин ќе се одвива наставата од први септември, денеска стаса информација дека одлука ќе има идната недела, а според некои инсајдерски информации таквата одлука ќе стаса непосредно пред завршувањето на летните одмори на наставниците. Тоа е 15 август!

Информацијаат гласи дека Комисијата за заразни болести и МОН следната недела ќе ги утврдуваат протоколите за следење настава…Јас мислам ако до сега не можеа тоа да го направат, не мора ни од сега. И така никој нема да ги почитува! Чекаа половина година за на 20 дена пред почетокот на учебната година да ги утврдат протоколите. Кого тоа они замајуваат?! Чекаат да видат или препишат како е во другите држави, ама притоа забораваат дека културата на однесување во тие држави е поразлична од нашата.

Оставаат до последен ден, ама изгледа заборавија дека од идната недела ќе има поважна работа – составување на новата влада. И што ако дел од оние кои денес одлучуваат од утре не се во редовите на новата влада?! Ќе нема ли настава?

Како и да е родителите, децата и наставниците само ќе нагаѓаат што ќе се случува и се разбира, ќе бараат решенија ако децата сепак не тргант на училиште од 1ви септември.

Според она што се предлага, децата ниту ќе одат на училиште, ниту ќе седат дома. Ќе си прават прошетки од дома до училиште во период од два часа. Но, што со помалите деца кои имаат потреба од дневен престој? Никој не кажува дали ќе има згижување за овие деца или пак сите деца ќе имаат настава од по 2-3 часа, а потоа да се снаоѓаат како сакаат?!

Читам има предлог децата да имаат оброк и тој да се дели во училниците во кои учат. Интересен предлог, нема што! Хигиената во училниците е на толку високо ниво, клупите се „дезинфицираат“ со истите крпи со кои се чисти подот…Многу сакам да сме скандинавија, ама не сме!!!

Како и да е ќе почекаме до 15ти, до тогаш сигурно ќе има одлука. Но, најдобро е да има можност родителите сами да одлучат дали ќе го пуштат детето да следи настава од училиште или он лајн. Јас сум сигурна дека повеќе од 80% од родителите ќе се одлучат за онлајн настава…Не заради друго, туку заради тоа што сите знаат во какви услови им учат децата.

Само, тогаш не е познато како ќе реагираат од МОН. Можеби ќе има предлог и да се распушти, поради неефикасноста и неинвентивноста во подготвување на настава во услови на пандемија.