На состанокот на експертската група во Министерството за здравство на Хрватска, кој се одржа вчера, покрај зголемувањето на капацитетот за тестирање, договорен е и нов режим за болниците, а причина за тоа е големиот пораст на бројот на пациенти со корона. Имено, вчера во Хрватска се регистрирани 4.571 нов случај на коронавирус, хоспитализирани 1.207, од кои 153 пациенти на респиратор, а 26 починале. Денеска се регистрирани 4.154 новозаболени лица.
Со новиот режим, кој се воведува поради влошување на епидемиолошката состојба, сите најголеми болници во Загреб стануваат болници за ковид, пишува „Индекс“. Ова пред се значи отворање на нови капацитети за пациенти со Ковид, во КБ Дубрава, КБЦ Загреб и КБЦ Сестре Милошрднице. Зголемувањето на капацитетите на болниците мора целосно да се реализира најдоцна до понеделник.
Постигнат е договор за зголемување на капацитетот за изолација во сите болници, а предложено е и отворање капацитет за пациенти со Ковид во Меркур и Светиот Дух. Договорен е и диспечер во загрепската Брза помош, кој 24 часа ќе ги следи сместувачките капацитети. Договорено е и болниците да ја пријавуваат состојбата во 8, 14, 19 и 24 часот.
Следната недела можна е нова средба на експертската група во зависност од епидемиолошката состојба. Инаку, на средбата се разговараше и за амбулантите за ковид, кои исто така треба поинтензивно да се користат во целата држава.
Градот Загреб вчера мобилизираше Ковид амбуланта како дополнителни места каде граѓаните може да се тестираат. Во Загреб вчера секој втор тестиран бил позитивен, а на тестирањата со денови се создаваат гужви. На состанокот на експертската група се разговараше и за нови контролни пунктови, не само за нови контролни пунктови во Загреб туку и во други жупании. А.Н.
