дома Живот Здравје Алармантно: Ракот однесе 9,6 милиони животи!

Алармантно: Ракот однесе 9,6 милиони животи!

Секој петти маж и секоја шеста жена во светот заболуваат од рак, предупредува Светската здравствена организација!

29

Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека секој петти маж и секоја шеста жена во светот заболуваат од рак, а дека секој осми маж и секоја единаесетта жена умираат од оваа болест.

Во светот оваа година се регистрирани 9,6 милиони смртни случаи. Новите случаи на рак во светот оваа година достигнаа 17 милиони заболени, додека во 2012 година беа регистрирани четири милиони.

Околу половина од новите случаи, и повеќе од половината од вкупниот број смртни случаи од рак во светот во 2018 година, се забележани во Азија, главно во Кина, делумно затоа што таму е концентрирано околу 60 отсто од населението во светот. Пет години по дијагностицирање на болеста и натаму живеат 43,8 милиони пациенти, велат експертите. Ракот на белите дробови води меѓу најчесто дијагностицираните заболувања кај мажите и е главната причина за смрт (20% од случаите), објавија медиумите.

СЗО наведува дека загрижува зголемувањето на случаите на рак на белите дробови кај жените, што сега е главната причина за смрт од карцином на жените во 28 земји. Во Северна Америка, Северна и Западна Европа, особено во Данска и Холандија, Кина, Австралија и Нов Зеланд, забележана е највисока стапка на нови случаи кај жените, а Унгарија води на таа листа.

Ракот на дојката е главната причина за смрт од рак кај жените – 627.000 смртни случаи. Тој, исто така, претставува околу една четвртина од новите случаи на рак дијагностицирани кај жените во светот. Меѓу новите случаи следи ракот на дебело црево во развиените земји и ракот на грлото на матката во земјите во развој.

Зголемување на бројот на заболени од рак е предизвикано од пораст на населението, стареење и пораст на факторите на опасност како што се пушењето, дебелината, слабо движење и неурамнотежена исхрана. Во земјите со брз економски раст, ракот е поврзан со сиромаштијата и заразите, а најчесто се открива на црниот дроб, желудникот, грлото на матката …

Помеѓу една третина и две петтини од новите случаи на рак може да се избегне со елиминирање или намалување на изложеноста на познати фактори на опасност поврзани со начинот на живот и животната средина.

И бројот на Европејци заболени од карцином е во пораст, додека смртноста од оваа болест опаѓа, соопшти СЗО. Според мапата на СЗО, која вклучува 53 земји – од Португалија до Русија преку Киргистан, во европскиот дел во 2014 година од карцином заболеле 2,4 проценти од населението, што е за половина повеќе отколку во 2000 година. Овој број крие големи разлики, во зависност од видот на карцином и популацијата што е опфатена.

Така, во Шведска, Норвешка, Финска, Данска и Исланд ширењето на болеста е двапати поголемо (пет проценти), додека се намалила (1,8 отсто) во Заедницата на независни држави, која вклучува девет земји од поранешниот советски блок, вклучувајќи ги Белорусија, Грузија и Русија.

Во 2013 година, стапката на заболени во ЕУ изнесувала 2,8 отсто, при што повеќе заболувале жените (2,9 отсто) од мажите (2,7 отсто). Бројот на случаи на рак на дојка се зголемил за дури 30 отсто од 2000 година.