дома Култура АНИТА БОШКОВА: Криминолог со поетска душа!

АНИТА БОШКОВА: Криминолог со поетска душа!

283

Пишува: Валентина Ѓоргиевска Парго

Меѓу поуспешните современи Македонки е и Анита Бошкова, магистер на Правни науки од областа на криминологијата, со магистерска теза на тема „Полов напад врз деца“, поетеса и интерпретаторка.

Додипломските и полседипломските студии ги заврши на Правниот факултет, на Универзитетот Св.„Кирил и Методиј“ во Скопје, а по полагањето на правосудниот испит работела како адвокат, а подоцна и стручен соработник во Основниот суд Скопје II Скопје.

Но она што е интересно, оваа дама постигнува низа успеси во светот на пишаниот збор, како и за музичката сцена.

Најпрво, да се осврнеме, на идејата водилка при изборот на своја професија, за што Анита вели:

-Секој човек како општествено битие би требало да се стреми кон основните човечки вредности – чесност, искреност, достоинство, мирољубивост. Во тој правец треба да негува и одредена мисла водилка која во животот го води напред, кон новите дни, кон подобро утре. Се вели дека „тоа што ќе го посееш, тоа и ќе го пожнееш“ или светот и луѓето околу нас се всушност нашето огледало, одраз на свет во каков што би сакале да живееме. Си што не е наша суштина со текот на времето си оди и се оддалчува од нас. Останува само она за кое и со кое е вистински вредно да се живее.

Добрината, сочувството и човечката солидарност се вредности кои треба да го красат секое човечко битие, истакнува таа. Според неа- секој човечки живот е вреден подеднакво, без оглед на тоа кој каде се наоѓа во општественото скалило, како во поглед и на материјалниот, образовиот или социјалниот статус. Секој има еднакви права и слободи и пред закон и пред Бог и секој подеднакво одговара за своите постапки. Според член (1) од Унивезалната декларација за човековите права на ООН – „Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права. Тие се обдарени со разум и совест и треба да се однесуваат еден кон друг во духот на општо човечката припадност“. Жално е кога сме сведоци на однесувања кои се антипод на претходно споментите вредности со кои се девалвира човекот како непроценлива вредност, но и самиот извршител на нечовечкото однесување.

Уште од дете неправдата и невистината ми биле туѓи, било да биле присутни во мојата непосредна или подалечна околина.

Во контекст на погореспоменатото, за себе открива дека од мали нозе, па до денес живее во духот на вистината, правдата и човекољубивоста.

-Сиве овие години ме водеа вистината и човековата правда  и ми беа „модус вивенди“ (начин ан живеење). Токму чувството за правда и правичност ми беше императив за професионалната определба„.

Како магистар по криминологија, на темата полов напад врз деца, се уште истражува, а своите истражувања планира да ги систематизира прикаже во посебна монографија.

Но, покрај љубовта кон својата базична професија и љубов кон науката, Анита  има една посебна љубов, а тоа е љубовта кон поезијата. Суштина на нејзиното битисување е поезијата, поезија во која пишува за љубовта, убавината на животот и бескрајот. Во нејзините стихозбирки ќе го откриете универзалниот клуч на сите срца, ќе ја откриете убавината на  природата и вечноста на животот.

-Моите песни ги имам објавувано уште од најмала возраст и тоа во локалните весници во Кавадарци, од каде и потекнувам, меѓу кои и во „Тиквешки цветови“, а исто така и во прилогот „Лик“ во весникот „Нова Македонија“, а 1987 година бев изрбрана за најдобар млад поет за Општина Кавадарци. Досега имам издадено четири поетски збирки и тоа „Клучот за моето срце“, јули 2000-та година, „Цветен аманет“ во јуни 2014-та година, збирката „Дојран град со срце“ во  ноември 2015-та година, а збирката поезија „Мирисот на љубовта“, во април 2017 година, вели вреднаста авторка, и доткрива и дека авторка е на „Монографијата за Општина Дојран“ која беше промовирана на 5-ти ноември 2016 година, денот на ослободувањето на Дојран.

Анита е и член е на Друштвото на писателите на Македонија.

На прашањето дали повеќе ја влече професијата за која се едуцирала, или пак поезијата, таа вели дека професијата е неспоредлива величина со поезијата и во професијата прави с? да ја изрази вистината и правдата на животот.

– Професијата е само другата страна на медалот на моето творење. Мојата професија и поезијата се една иста суштина во потрагата за вистината, љубовта, правдата. За мене тоа е едно исто, наречено – „вистина“, нагласува.

Не помала љубов Анта во себе носи и кон музиката. Покрај тоа што е автор на повеќе текстови за музика, исполнети на неколку фестивали во Македонија, „Таа не знае“, Валандово 2005 година, „Ајде сите сложни да сме“, Гоце фест 2015 година, „На гроздобер да се видиме“, Гоце фест 2016 година, „Моја Дојрана“ и „Тиквешко востание“ Гоце фест 2017 година, „Жена за довека“ Филиграни 2017 година, таа два пати се појави на „Гоце фест“ како интерпретаторка на песните, чија авторка на текстови е самата таа, и тоа на песната „На гроздобер да се видиме“- Гоце фест 2016 година и „Моја Дојрана“- Гоце фест 2017 година,  за која доби трета награда од публиката.

Кога Бошкова ќе ја прашате “Што за неа претставува успехот?“, одговара дека титулата човек е најпрестижна титула.

-Најголемото достигнување за едно човечко битие е да биде и да остане човек во текот на целиот својот животен век. Богатството не е ниту во парите, ниту во функцијата. Богатството не е богатство ако ти е в џеб, а за си друго си слеп. Богатството и убавината е во човештината. Човек не може без човека. Тоа од секогаш било така и ќе биде така, довека. Значи, најголемиот успех е да бидеш човек!

Анита искажува посебна љубов кон децата и посебна и непосредна комуникација со нив. При посетите во училиштата домовите и одржувањето на поетските средби, води разговори со нив, за животот, за љубовта, за нивниот правец и идеи во животот.

-Дружејќи се со децата, ја имав токму таа можност, да бидам најблиску до себе. Кога сме со нив, времето како да застанува и тогаш во таа непосредна и од срце дадена насмевка, сериозно сфаќаме дека детето со својата невиност и искреност, се уште, живее во нас.

Сум сретнала многу мудри детски глави чија зрелост ме фасцинирала. Зрелоста не е поврзана со годините, нагласува.

А, пак, на прашањето, “Што за неа претставува творештвото?“, повторно дава дециден одговор:

-Тоа што го знам е тоа дека во мигот кога ја пишувам песната имам желба мојата песна да ги допре сите луѓе во светот, место тага да почувствуваат радост, место омраза – љубов, место очај – надеж.  Сакам да постанам Сонце кое ќе ги разбуди сите заспани доблести кај луѓето.  Таквата конекција меѓу мене и моите песни и меѓу моите песни и луѓето го прави моето пишување универзално, безвремено, безусловно. Човек станува посреќен и поисполнет, колку што повеќе среќни, весели и исполнети луѓе има околу себе. А токму таа желба ме следи уште од првиот пат кога сум го зела перото во рака. Да пратам порака до сиот свет дека животот во љубов, во среќа, во радост треба да се живее!