Кандидатот на Демократската партија за претседател на САД, Џо Бајден е на чекор од избор за 46. претседател на САД, но веќе е сигурно дека тој го сруши рекордот кога станува збор за вкупниот број освоени гласови на претседателските избори во Америка.

Според првичните изборни резултати, Бајден е првиот претседателски кандидат што некогаш освоил повеќе од 70 милиони гласови. Фаворитот за влез во Белата куќа веќе освои 73,7 милиони гласови на ниво на САД, а со оглед на тоа што сè уште не е завршено броењето на гласовите, изборниот биланс на кандидатот за претседател на Демократската партија ќе биде дополнително зголемен.

Претходниот рекорд за вкупно добиени гласови го имаше партискиот колега на Бајден, Барак Обама, кој освои 69,5 милиони гласови на изборите во 2008 година, што е за 9,5 милиони повеќе од неговиот противкандидат Џон Мекејн.

Ако е за утеха актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп веќе има освоено скоро 70 милиони гласови, што го надмина неговиот личен резултат од 2016 година за дури седум милиони, кога постави рекорд по вкупниот број гласови освоени од некој републикански претседателски кандидат.

Најубедливата разлика во бројот на гласови помеѓу кандидатите за претседател на САД е забележана на изборите во 1972 година, кога републиканецот Ричард Никсон освои скоро 18 милиони гласови повеќе од демократот Џорџ Мекговерн. А.Н.