Пишува: Сунчица Уневска
„Баншите на Инишерин“ или како што се вели во самиот филм, „Духовите на Инишерин“. Првото што се наметнува, кога станува збор за овој филм на Мартин Мекдона („Во Бруж“, „Седум психопати“, „Три билборди…“), е токму насловот, дали се тоа гласниците на смртта или духовите, но не оние што врескаат и претскажуваат (според ирските легенди), туку оние „духови“ кои живеат на тој изолиран остров и кои се обидуваат, секој на свој начин, да се најде себеси, да ја најде смислата во времето кое што му преостанува, да најде излез од она што го задушува, да разбере зошто еден ден вистинското пријателство може да стане товар, па дури и да се претвори во непријателство, да ја разбере мачнината и злото, да го разбере она што лебди секогаш како дух над овие кревки, но и силни жители на овој необичен остров, и на крајот, да може со сето тоа да живее.
Чуден е тоа остров, а можеби и не, можеби наликува на сите тие изолирани места во светот над кои секогаш е надвисната некоја злокобност и предизвик, места чии „духови“ ги одредуваат некои „невидливи сили“, барем така се чини во целата таа атмосфера надополнета со самата специфичност во менталитетот на овие граѓани. Колку тие видливи и невидливи граници влијаат на однесувањето на овие луѓе, на нивните промени, нивните барања, нивните копнежи, на желбата нешто да сменат, иако во тие услови тоа е речиси невозможно. Токму затоа музичарот Колм Доерти (Брендан Глисон) ќе реши да го прекине своето долгогодишно пријателство со Падрик Сулебан (Колин Фарел), сметајќи дека секојдневните дружби и седења во локалниот паб му го одземаат и трошат скапоценото време, кое неповратно изминува и кое сака да го искористи за нешто да направи и да остави некаква трага позади себе. Но, дали таа одлука сурова и бесчувствителна навистина тоа може и да му го овозможи…
Наеднаш се креваат „духовите“, оние притаени духови што му даваат живот на овој остров, но истовремено и му го земаат. Наеднаш работите стануваат чудни затоа што го реметат она вообичаено секојдневие, затоа што се обидуваат нештата да ги изменат, но на некој драстичен начин, бидејќи ништо не се менува со одлука, освен што таа умее да ги измести работите без предупредување, без најава, без објаснување, затоа што некој верува дека „духовите“ ги создаваме ние, а не обратно. Но, дали е така, дали навистина е возможно да излезете од некои граници, да се ослободите од чувството дека сте во стапица со тоа што ќе ги оттурнете оние околу себе. Меѓутоа, Колм верува дека ако се ослободи од Падрик, чии глупави муабети му го трошат времето, ќе направи нешто големо со себе. Одлуката е дотолку почудна што овој музичар е подготвен да си ги сече прстите ако Падрик тоа не го почитува???
Приказната е навистина извонредна и многу невообичаена, но дали би рекла дека ова е црна комедија, како што постојано се инсистира? Не, иако границата е тенка, филмот е сосем морбиден и гротескен, овде „комедијата“ е контроверзна и чудна, но би рекла дека многу подобро би функционирал како драма, затоа што во неговата суштина и не е исмевањето, туку немоќта, безизлезот, стравот, лудоста која е надвисната над едно вакво навидум идилично место со прекрасни пејзажи и зајдисонца, во кое границите сè уште побезмилосни, токму затоа што се питоми. Лесно е да ги уривате границите кои ве ограничуваат, но што е со оние кои не ви даваат да излезете, иако се чини дека ја имате сета слобода на овој свет. Неверојатна е таа контрадикторност, која Мекдона ќе ја искарикира токму низ екстремната одлука на Колм да си ги сече прстите за да го добие времето и мирот што ги посакува…
Се обидува Мекдона да ја претстави целата слика на островот, на овие луѓе кои тонат во истото секојдневие, луѓе кои можат со подеднаква жестина да бидат љубезни и брутални, луѓе на кои мрачното и злото, особено додека некаде таму на копното беснее граѓанската војна, им е вообичаено, а секоја промена добредојдена во сивилото на денот и атмосферата. На него авторот ќе го смести и локалниот идиот Доминик, преку кој, како и во филмот на Дејвид Лин, „Рајановата ќерка“, работите некако се дефинираат, низ чија песрпектива може многу појасно да се види сето она што се случува на островот, сето она што ги прифаќа или на свој начин урива границите, оние востановени, вообичаени, секојдневни граници. Она кое што луѓето, колку и да е ненормално, го прифаќаат како нормално, бидејќи такви се духовите на Инишерин.
Тие денеска, како што ќе рече Колм, не ја претскажуваат смртта и не врескаат, туку само седат, нè набљудуваат и се забавуваат. Духовите се неуништливи, бидејќи колку и да сакате да верувате во промените, тие се невозможни, не на тоа „мрачно место, злокобно, лошо, инаетливо, каде што времето поминува бавно сè додека да умреш“. Така ќе му напише Шибон (Кери Кондон), сестрата на Падрик, која ќе го напушти островот и ќе отиде да работи во градот, велејќи му да си оди оттаму бидејќи ништо нема да се промени. Велејќи му да дојде пред да биде доцна… Но, работите меѓу Колм и Падрик ќе кулминираат, и од болка, неразбирање и немоќ ќе преминат во судир од кој повеќе нема враќање. Па сепак, Падрик никогаш не сакал да си оди, неговиот живот е на Инишерин, тука се неговите пријатели, а всушност, оној најголемиот во сета своја лудост му ги фрла прстите во вратата за да му каже колку е сериозен во својата намера.
Човек ќе се запраша, зошто таква екстремност, зошто е потребна таква морничава гротескност, а можеби и е единствена, можеби и се подразбира, кога впрочем и немате баш избор, кога заминувањето не е опција, а промената е невозможна. Од каде таква идеја. Би рекла, можеби токму поради чувството на немоќ. Иако, Колм добро знае дека на тој начин уште помалку ќе може да ја создаде онаа музика по која сака да го паметат, но сепак, е непоколеблив во сопственото осакатување. Не случајно, Шибон, која важи и за најапаметната на островот и која постојано чита, барајќи го како и сите други сопствениот излез, ќе му рече дека сите се здодевни со тоа екстремно однесување без никаква причина и дека навистина сè повеќе е убедена дека е болен. Но, неговиот одговор можеби и кажува најмногу, дека само се обидува да го одложи неизбежното…
А неизбежното е дека промена нема, барем не онаму каде што ја замислувате. Вистинската промена се носи во себе, ако навистина ја има, ако навистина ја сакате и на крајот, ако навистина сте способни за неа. Промената не доаѓа однадвор, а уште помалку ако на својот пријател му кажете дека повеќе не ви се допаѓа и не сакате да поминувате време со него. Но, Мекдона се обидува да ги ублажи тие логични заклучоци, зборувајќи многу повеќе за овој необичен остров, за тие чудни ветрови, силни бранови и мрачни облаци, за ова место кое може да биде и прекрасно и злокобно, за ова место на кое луѓето се поинакви, затоа што неговиот ритам, неговиот дух, неговата атмосфера нив и ги одредува. Од тоа не можете да побегнете. Убавината, како што е претставена низ камерата на Бен Дејвис и преку музиката на Картер Бурвел е неизбежна, исто како што е неизбежна и свирепоста, бидејќи овие луѓе понекогаш повеќе ја разбираат поврзаноста со целиот жив свет отколку со самите себе.
Тие не се зли, тие не се неморални, освен полицаецот, таткото на Доминик, на што никој и не реагира…, тие не се лоши, па сепак мрачното, суровото и злото се секогаш тука надвиснати. „Ќе има борба повторно“, вели Колм, додека Падрик одговара дека некои работи не се менуваат и тоа е доброто. Но, работите меѓу нив не се израмнети, Колм преживеа, додека магарето Џени на Падрик се задави со неговите прсти. Не, работите не можат да бидат исти, па колку и да е апсурдно и гротескно, сепак, не е смешно, бидејќи во оваа приказна на овој измислен остров има толку многу живот, толку вистина, толку мудрост, што било која перверзија не може да ја промени, затоа што суштината не е во екстремите, туку во секојдневието. А тоа е најтешко да се поднесе, особено ако се немате себеси, или ако не знаете во целото тоа бавно течење на времето како да се пронајдете. Извонреден филм, преполн со „духови“ кои никогаш не заминуваат, тие се тука секогаш токму за да набљудуваат, за да нè предизвикуваат или за да ни го покажат патот ако умееме да го видиме и ако имаме одважност и сила по него да исчекориме.
