За помалку од 24 часа Министерот за економија Крешник Бектеши ја смени првичната најава за (не)преговарање со Грција во врска со влез во земјата со ПЦР тест или сертификат за вакцина, односно антитела. Имено, на денешната прес конференција тој рече дека ќе се преговара со сите соседни држави за взаемно признавање на ПЦР тестовите, тестовите за антитела и ковид пасошите. Тој потенцира дека на оваа тема ќе се преговара и со другите европски земји со цел граѓаните да можат да патуваат.

„Ние ќе преговараме со сите соседи за заемно признавање на тестовите. Јас и претходно наведов дека од денот кога ќе почне имунизацијата на населението во нашата држава, ние во соработка со министерството за здравство, со министерството за надворешни работи, ќе бараме од нашите соседи, но не само од соседите, туку и од европските држави, да ги прифатат т.н. ковид пасоши од нашата држава“, изјави Бектеши одговарајќи на новинарско прашање.

Правдајќи се за вчерешната изјава тој објасни дека не рекол дека нема да се прговара, туку дека тоа не се прави во моментот кога прашањето било поставено. Но, изгледа министерот забарава дека таа изјава ја даде пред помалку од 24 часа, па останува нејасно кога во меѓувреме преговорале и донеле одлука дека и македонските граѓани ќе можат да патуваат во Грција од 14 мај.

Имено, речиси истовремено кога Бекташи ја држеше прес конференцијата, министерот за здравство Венко Филипче информира дека на 14 мај ќе се отворат границите за македонските граѓани со Грција и тоа награниччните премини Дојран и Богородица. Министерот Филипче информираше дека во текот на денешниот разговор со министерот за туризам на Грција добил ветување дека македонските граѓани непречено ќе можат да влегуваат во Грција со покажување на потврда за вакцинација или негативен ПЦР тест.„Во врска со мерките, ме извести дека планираат двете граници да ги отворат на 14 мај за граѓаните од Македонија во Дојран и Евзони. Но, ќе биде задолжително да се прикаже потврда за вакцинација или негативен ПЦР тест. Тоа го земав како обврска, да видиме какви ќе бидат нашите сертификати за вакцинација со потребните кодови и листата на овластени лаборатории кои може да даваат ПЦР тест“, најави Филипче денеска пред поликлиниката „Јане Сандански“.

Н.Д.

.