Она што во последно време ги обележува поголем број од македонските свадби, е пуштањето на бели гулаби, веднаш по венчавката на младенците. Како симбол на мир, хармонија и љубов. Нивното изнајмување чини од 2.000 денари нагоре, во зависност каде сакате да нарачате да ви ги однесат гулабите.
– Овој тренд е познат во Италија, Америка и во други земји. Сега почнува да зема замав и кај нас. Симболиката на гулабите е нивната чистина, нивниот слободен лет, нивната асоцијација за мир, но во исто време и голема приврзаност, љубов, но и верност . Гулабите се вљубуваат и живеат како двојка. И верни се еден на друг. Нашите се дресирани гулаби и од каде и да ги пуштиме, знаат и се враќаат во своето легло, во својот гулабарник – ни откри младиот изнајмувач на гулаби, пред црквата Света Богородица во Скопје, каде имаше венчавка. Тој додаде дека гулабите живееле 10 до 15 години.
