Берлин: Во светот на животните

91
Zoo Berlin

Zoo_Flusspferd_und_Jungtier_BroesekeБерлинската Зоолошка градина треба да се стави на листата на дестинации кои треба да се посетат. Не заради нешто друго, туку најмногу поради тоа што таа успева барем на кратко да ве прошета низ светот, да ви понуди нови знаења, нови неоткриени простори и многу, многу убави слики
Старите велат, животните се најдобри пријатели на луѓето. Ако, со нив имаш муабет, тогаш, со луѓето немаш проблем. Оттаму и многу градови низ светот, за време на уредувањето на градот, вложиле многу во оснивањето и развивањето на Зоолошките градини. Од дамнина се носени животни од секоја држава на планетава, вложувани се пари, сe со цел одредената дестинација – Зоолошката градина да биде како од бајките или сликовниците. Понекогаш дури и статусен симбол на градот, и, на нејзиниот прв човек. Демек, тоа било лицето на градот, на граѓаните. Така  и берлинчани со години вложуваат и веруваат во нивната Зоолошка градина која има долга традиција – век и половина зад себе! И, успеваат во тоа! Посебно да ги намамат случајните намерници во градот да потрошат еден ден во нејзините ЗОО лавиринти, се разбира, доколку сакаат целата градина да ја видат. Во самото срце на Берлин, на излезот од централната железничка станица и на само стотина метри од извиканиот Интер-Континентал хотел, на 260 илјади квадратни километри е сместена најголемата германска ЗОО, берлинската Зоолошка градина. И, таму, нема што нема. За сите по нешто, а за најмладите посебен програм за запознавање со природата и сe што таа нуди.
Zoo BerlinАтракциите, од типот кој е што, што јаде или како си игра, ги има на секој чекор, а сето тоа влегува во целодневната програма на ЗОО-то и е вкалкулирано во цената од 20 евра. Секако дека тука се и неизбежните ресторанчиња и слични комерцијализирани објекти, кои успеваат на многубројните туристи да им го олеснат џебот за некое евро плус од предвиденото. Но, нејсе…Во Германија сe е бизнис, па и посетата на Зоолошката градина. А, посебно ако за целосно нејзино разгледување се потребни повеќе часови, па дури и цел ден, како што е случајот токму со оваа Зоолошка градина Историјата говори дека во 1841 година Фридрих Вилијам Четврти, вљубеник на животните, на постоечката локација побарал да бидат изградени кафези за неколку тигри и лавови. Животните на самиот старт не биле наменети за публика, и неговата првична идеја била сe што сака, да биде околу  него и само за него. Но, три години подоцна, просторот околу Зоолошката градина започнал да се шири, а нови видови на животни, во специјално подготвени кафези, почнале да стануваат постојани жители на кафезенаријата на Фридрих Вилијам Четврти. Неколку години подоцна берлинската Зоолошка градина добива и цветна градина по примерот на париската Пале ду жардин ду роз. Денес, бројот на жителите на оваа ЗОО е близу три милиони и е најголема во Европа, а по неа следат слични вакви градини и во Нинберг, Антверпен, Брисел, Келн, Минхен…
Zoo BerlinВо пресрет на 150 години празнување, Зоолошката градина од 1988 – 1990 година целосно е реновирана, за што се потрошени десетици милиони марки. Истовремено во тој период е зголемен и бројот на жителите на градината, а нејзини најмлади жители се неколку панди, десетина шимпанза, две камили… Истовремено обновена е и инфраструктурата на градината, а реновирани се сите кафези и куќички, со што денес берлинската Зоолошка градина е светски атлас.
Татковците на берлинската ЗОО, во времето кога истата ја правеле, очигледно мислеле на се. Со самото тоа што, во ЗОО-то има животни од секаде на светот, направено е тие да се чуствуваат токму како дома. Со сите подобности, со нивната храна, амбиент… ЗОО-то е поделено во неколку целини. Тука е Таџмахал, Сахара, Кенија, Австралија, Антарктикот, Египет, Мароко…и сите тие со нивните постојани жители. Покрај отворениот простор, каде што се има директен контак со слоновите, фламенгата, пандите, елените, берлинчаните во склопот на оваа ЗОО го изградиле и најголемиот Аквариум во Европа, во чии што води пливаат повеќе од 5000 риби. Од сите видови и од сите страни на светот. А, за вљубениците во подводните животни се орагинизраат специјални предавања, се прожектираат наменски, документарни филмови…
За случајните намерници посетата на Зоолошката градина во Берлин, градот кој по соединувањето на Источна и Западна Германија, а кој и самиот беше поделен меѓу истокот и западот, е оддалечување од историјата, олабавување од минатото и претставува вистинско доживување за вљубениците во природата. А, и можност да се научи нешто ново, бидејќи овде нема што нема.
Вистинско доживување за потписникот на овие редови беше “средбата” со пингвините, кои во нивниот амбиентално уреден простор, ги забавуваат случајните минувачи. Па, дури и позираат! Во нивното царство уживаат и белите мечки, кои никого неможат да остават рамнодушен, како и камилите кои и понатаму “веруваат” дека се во Сахара. За сите нив подеднакво е направено да се чуствуваат дека се дома. Од кафезите, преку исхраната, па се до влезовите во нивните царства. Така на пример “домот” на слоновите или на зебрите, жирафите се прекрасни градби кои веднаш ве носат во земјата од каде што дошле. Домаќините во ЗОО-то мислеле на се, па и на тоа како и да им се олесни посетата на гостите. За таа цел, Зоолошката градина им нуди велосипеди и колички за помалите, со што покомотно и полесно ќе можат да се изодат 260-те илјади кавдратни метри, на колкав простор е распространа берлнската Зоолошка градина.  Статистиката поврзана со ЗОО-то вели дека годишно неа ја посетуваат околу 20 милиони странски посетители. И, забележуваат дека последниве години таа бројка е зголемена за 30 отсто во однос на изминатите. Исто така, во статистиката на ЗОО-то се вели дека и бројот на домашните туристи секој месец се зголемува.   Како и да е, берлинската Зоолошка градина треба да се стави на листата на дестинации кои треба да се посетат. Не заради нешто друго, туку најмногу поради тоа што таа успева барем на кратко да ве прошета низ светот, да ви понуди нови знаења, нови неоткриени простори и многу, многу убави слики.