дома Живот БЛАГОЈА ЧОРЕВСКИ-ЧОРЕ, ВИЦЕАМБАСАДОР: „Се чувствувам горд, со песна одам во МЕЃАШИ!“

БЛАГОЈА ЧОРЕВСКИ-ЧОРЕ, ВИЦЕАМБАСАДОР: „Се чувствувам горд, со песна одам во МЕЃАШИ!“

676
*30 години во континуирана заштита на правата на децата. Од моментот кога станавте член, потоа и Амбасадор на МЕЃАШИ, верувавте ли дека ова е идеја над идеите, да се биде дел од организација која под своја закрила ги има најмилите, најважните? Нешто, што мора да трае и не смее и не може да прекине. 
-Апсолутно. И мене ми претставува чест што сум член во таа невладина НВО организација, ми претставува и гордост што можам на извесен начин, онака како што јас си ги сакам децата, да им помагам, не директно, ама индиректно. За директно имаме СОС-телефони, а ние индиректно им помагаме на децата со тоа што постојано укажуваме колку треба да се сакаат тие деца и колку треба да ги почитуваме децата, зашто мислиме ако имаат 5, 6 години, тие се мали… Не, тие стануваат многу побрзо големи од нас големите.
*Како влеговте во ова „семејство“? 
-Преку Коле Ангеловски, низ разговор ми рече −„Ај дојди“, јас веднаш прифатив и тоа што посебно Драги, посебно Гордана, се ентузијасти со една прекрасна љубов кон сопствените деца и кон сите деца. Не можеш ти да бидеш со децата, ако не си „дечар“ во душа.
*Кој дел од работата со МЕЃАШИ Ве направи да ја кренете главата гордо нагоре? 
-Нешто на што посебно се гордеам е една случка кога во деведесеттите одевме во Атина, главниот град на Грција, со претставата „Едип“, ние глумците и балетот, со Зоја Бузалковска. И се случи една неприлика, намерно не држеа на граница. Јас имав амбасадорски пасош од МЕЃАШИ, им го покажав и им велам: „Срамота е да нè држите, ние сме ваши гости, вие сте нè поканиле“. Нè држеа затоа што пишувало Македонија, јас им го извадив и плакатот од Грција, на кој пишуваше: Претстава од Република Македонија. И верувајте дека не пуштија. Ние прво се вративме. Љупчо Петрушевски, директорот на театарот и јас на граница потпишавме изјави. Но, кога се вративме на наша граница, дојде еден Грк граничар и гевгеличанецот граничар ни вели: „Дојде некој ‘голем’ и вели да ве пуштам“. Тогаш, пак ние не сакавме да се вратиме. „Ве моли, рече, ве моли! Дојде човек со автомобил што никогаш не сме го виделе, специјално за вас“. Една од работите којашто помогна 80 отсто е пасошот на МЕЃАШИ, светски познат бренд. Тоа е една од големите привилегии што сум ја имал.
* Но, децата се пасош сами по себе. 
-Би требало да се, но во ваков учкуруш од свет, тешко.
*Што е она што сакате да се оствари во иднина како успех на оваа организација? 
-Нека продолжи вака. Мисијата е таа, секојдневна, секоја минутна, секоја секундна. Не смее да го снема МЕЃАШИ. Ние не добиваме ништо од државата како средства, речиси ништо, дури напротив сме напаѓани многу повеќе отколку што треба. Наместо да се гордее државата, ние сме им како товар. Волонтерски ја работиме целата работа, по ентузијазам е. Едно време СОС-телефонот ќе ни го запрат, па нема да имаш средства да платиш. Потоа ни ја дадоа линијата бесплатно. Тоа е една од паметните работи што мобилниот оператор и државата ги направиле.
*Неисцрпна е борбата за правата на децата, колку и да работиш секогаш ќе излезе нешто што треба да се дооствари. 
-Во право сте!
*Кој ги разбира подобро во основа човековите права − децата или возрасните?
 -Децата. Затоа што се чисти, затоа што се невини. Ние како растеме мислиме дека многу работи знаеме. Обратно. Јас во мојата професија сум секогаш дете. Вербата на детето ја пренесувам на сцена. Можеби затоа и сум добар. Затоа што вербата во играта која сте ја имале како деца, ние како постари, ја губиме. Замислата. Да замислиш дека си доктор. Како ние лесно сме глумеле доктори како деца? Сме глумеле авијатичар, сме глумеле машиновозач, во Ресен или во Битола, било каде… Сме играле со џамлии. Така што, таа чистота на детето е многу чудотворна. Таму нема формула, таму има искреност, сè додека тоа го има и во МЕЃАШИ, ќе биде сè во склоп и надоврзување.
*Каде се губи она праведното кога луѓето ќе пораснат? 
-Се губи затоа што стануваат злобни, малку или повеќе стануваат злобни. Сети се кога како деца ќе ни дадеа парче леб намачкано со пипер, а маст ако ти стават, ехее ти си цар во маало. Никој не се лутел, ниту сме имале болести како сега, ниту ништо. Сега ми кажуваат: загаден воздух, од ова од она, а ние на што сме се грееле? На ќумур и на дрва и пак здрави.
*За глумците ќе речат под своите пазуви вечно го носат детето во нив. Ама велите децата се подобри глумци и од вистинските? 
-Така е. Големата верба е кај децата, кај нас има проба – професионална, ментална, психолошка. Ние сè правиме од почетна фаза додека да стигнеме до играта, имаме режисер, имаме колеги, вежбаме… Во детската игра нема тоа, сè природно доаѓа, веруваш дека си непобедлив во криенка – миженка, веруваш дека ти си некој друг кога играш баба Рога, и нема подготовка… Многу има да се зборува за децата…
*Сега, повелете, маестро, со завршниот збор.
 -Се чувствувам горд, со песна одам во МЕЃАШИ. Особено кога ќе дојдат деца, кога заедно имаме разговори, на дадена тема, ах таа нивна невиност, на дете. Кога се радува − се радува, кога плаче − плаче од срце и душа. Кога му се јаде − јаде. Ние возрасните јадеме и кога не ни се јаде…
(Интервјуто го водеше Валентина Ѓоргиевска, авторка на Монографијата „30 години МЕЃАШИ 1992-2022“, која може да ја прочитате на следниот линк bit.ly/3MuRkxa)