дома Култура Mузика, Опера, Балет „Блуз и соул фестивал 2021“ в сабота во Куршумли ан

„Блуз и соул фестивал 2021“ в сабота во Куршумли ан

5

Tрадиционалниот „Блуз и соул фестивал 2021“ ќе се одржи на 18 септември (сабота) од 20:30 часот во Куршумли ан, соопштиДирекцијата за култура и уметност на Скопје. Ќе настапат „Natasha Miha in Blues“ и „Crossroad Blues Band“.

Наташа Миха е соло-артист, студиски музичар, едукатор и член на Station: Innermost. Нејзината сестраност, музичкото познавање како и вокалните способности и овозможуваат да изведува широк спектар на музички стилови со креативност, емоција и техничка маестралност.

Бендот на Наташа Миха во состав Дамир Пух – гитара, Дарко Фотиновски – бас гитара, Дејан Апостоловски – тапани, се музичари со долгогодишно студиско и сценско искуство, кои се активни на музичката сцена со повеќе бендови во различни музички правци, како и проекти и соработки со интернационални артисти и брендови.

„Natasha Miha in Blues“ е осврт на влијанијата на блуз музиката и нивниот импакт врз артистичкиот израз на Наташа. Со овој проект публиката ќе има прилика да слушне преработки на блуз-рок теми како и дел од авторскиот опус на Наташа изведен во блуз-рок манир.

Има настапувано на многубројни концерти во државата и надвор од неа, меѓу кои и North City International Blues & Jazz Косовска Митровица, Blues & Soul  Festival Скопје, Rock Symphony Concert Битола и Damir Puh Recollection турнеја. Има реализирани солистички мултимедијални концерти од класичен карактер, од кои еден и во рамки на фестивалот „Златна Лира“. Наташа има настапувано и како придружен вокал на Vanessa Mae и Queen Real Tribute во Скопје.

„CROSSROAD B.B.“ е музичка формација од Прилеп, формирана 1997 год. од двајца фанатични влубеници во блуз музиката односно Александар Дворчанец – Сале и Бранко Нешкоски – Бане. Сегашната формација на бендот е следната: Давид Нешкоски  – вокал и гитара, Бранко Нешкоски – гитара, Зоран Настески – тапани и Љупчо Шилоски – бас.

Можеби гранитното опкружување околу градот или пак аромата на тутунот која се шири по градските улици, се покажаа како успешна почва за развој на блузот. Од локална атракција низ годините „CROSSROAD B.B.“ прерасна во еден сериозен бенд кој музицира покрај во својот град, во скоро сите градови на Македонија, а од 2008 год. па се до 2018 год. настапува на скоро сите престижни фестивали и места во регионот каде се негува и свири блуз.

Има настапувано на фестивали во Бугарија (Софија, Бургас, Петрич, Габрово) во Србија (Врање, Ниш, Белград, Панчево, Кикинда, Суботица, Сента), во Хрватска (Жупања, Ријека, Кастаф, Умаг, Сплит, Дубровник, Опузен, Имотски) Словенија во Копар, во Црна Гора во Подгорица и Никшиќ, во Босна и Херцеговина (Мостар, Бања Лука, Приједор, Доњи Вакуф, Сараево).

Оваа приказна беше грубо прекината со прераната смрт на Сале, фронтменот и моторот на бендот во ноември 2018 год. Со неговото заминување бендот изгуби многу, а и блузот во Македонија воопшто.

Во периодот од 1997 – 2018 година “CROSSROAD B.B.“ сними три албуми од кои два авторски со кои ја промовираа блуз кирилицата и еден албум со обработки на блуз нумери кои и самите автори ги беа заборавиле. Важно е да се спомене дека Сале беше автор на скоро сите текстови од авторската музика кои не беа само текстови, тоа беа реални приказни од неговиот живот кој иако краток беше преполн со случки и настани.

Настанот ќе се одржи согласно протоколите за одржување на настани и со приложување на КОВИД 19 вакцинална картичка. А.Р.