Пишува: Валентина Ѓоргиевска Парго

Дирекцијата за култура и уметност на Скопје го најавува најновото издание на „Блуз и Соул Фестивалот“ што ќе се одржи на 12 и 13 септември 2019 година во „Станица 26“, со почеток во 21 часот.

Како најпознато име на овогодинешниот фестивал е братот на Џими Хендрикс, Леон, како и познатиот италијански гитарист Фулвио Феличијано,  ЗИПИ НАПЕРС од Грција, ТОРОК ФЕРЕХ ДУО од Унгарија и македонскиот бенд Д МОЛ ПЕК.

Леон Хендрикс е брат на покојниот гениј од Сиетл, икона на американскиот рок, Џими Хендрикс. Тој е уметник, текстописец и гитарист кој започна да се занимава со музиката малку подоцна во животот. Има издадено неколку албуми. Најдобро е познат по неговите оригинални илустрации. Во 2012г. ја издаде во печат својата книга насловена „A Brother’s Story“.  За прв пат ќе гостува пред македонската публика.

Фулвио Феличиано е еден од најпочитуваните блуз и рок гитаристи во Италија и од сите проекти, неговиот проект посветен на музиката на Џими Хендрикс е особено популарна кај љубителите на музиката. Покрај неговиот сопствен материјал и класични блуз песни, неговиот сет вклучува и неколку од најдобро познатите песни на Џими Хендрикс, кои се одлично прифатени од фановите низ Европа.

Репертоарот кој Феличиано може да го понуди на неговите настапи во живо е огромен и вклучува 40 песни кои ја опфаќаат дискографијата на Хендрикс, со цел да ја вратат, односно повторно да ја креираат таа атмосфера, тој звук, нудејќи психоделично шоу длабоко вкоренато во блузот и фанкот, кои ја карактеризираат музиката на Џими, оставајќи простор за инстинкт и импровизација.

Фулвио Феличиано вокал и гитара придружен од неговиот бенд, Марко Д’Анџело на бас и вокал, и Лука Мартини тапани и вокал, двајца експерти во областа на хендриксовата музика.

Фулвио има свирено на сцени низ Европа и е на третата турнеја заедно со Леон Хендрикс (братот на Џими). Во 2011г. ја претставуваше Италија на Интернационалниот Фестивал Џими Хендрикс во Виена. Како значајна, може да се издвои соработката со Натаниел Петерсон во бендот „Twin Dragons“ која траеше 9 години и преку која тој свиреше рамо до рамо со два одлични тапанари, првиот Мајк Терана (Yngwie Malmsteen) и после Џон Макалусо (Sinphony x). Последното извонредно искуство со „Twin Dragons“ беше турнеја со италијанската рок ѕвезда Пино Ското, со кого има снимено две песни и видео запис. Има учествувано на настапи и фестивали посветени на Хендрикс, самостојно, но и како дел од бенд со Ули Џон Рот (Scorpions) и Греам Оливер (Saxon) и Стен Скиби (Billy Cox).. Беше во улога на музичар на сесија на големиот Вини Мур (UFO) за турнејата Solo World Tour 2011, со Ки Марсело (Европа) во 2009г.

На распоредот на фестивалот се наоѓаат и други познати и респектирани имиња во светот на блузот.

За  првиот ден покрај Леон и Фулвио Феличиано свој настап ќе има и грчкиот бенд Zippy Nappers”. Станува збор за група која постои неколку години наназад под водството на Спирос Мисокефалос. Во својот репертоар негуваат претежно американски блуз – рок. На нивните настапи најчесто изведуваат композиции од различни блуз уметници, како кралот на ББ Кинг, Ета Џејмс, СРВ, итн. Инспирирани од овие легендарни блуз музичари свират и сопствени, авторски композиции. Нивните концерти и настапи се особено прифатени од публиката заради нивната енергија, моќ и акција.

Вториот ден е резервиран за унгарската група ТОРОК ФЕРЕХ ДУО , како и за македонските блузери Д МОЛ ПЕК.

Приказната со ТОРОК ФЕРЕХ ДУО започнува  во ноември, 2015 година кога Адам Терек  го кани младиот Ади да му се придружи да свири со него и „The Mini“ на концертот во легендарниот Bem Rockpart. Младиот гитарист само што го прослави својот 10-ти роденден неколку недели претходно, па затоа тоа претставуваше прекрасен и храбар гест од страна на постарата рок икона. Од тој момент, тие имаат свирено заедно на повеќе од 50 концерти (до крајот на 2018 г.) Малиот гитарист стана голем фан на Адам Терек  и почна сам да учи како да ги свири познатите класици на The Mini. За него претставуваше огромна чест кога Адам Терек го избра да биде гитарист на The Mini во летото, 2018 г.

Адам Терек секогаш бил голем поборник на младите и талентираните музичари. Откако успешно соработуваше со младиот Ади како музички гостин во текот на годините, тој реши да оформи дуо со него. The ТОРОК ФЕРЕХ ДУО претставуваше пријатно изненадување и постигна голем успех во Унгарија и на меѓународен план. Нивната музика е заснована на рок и блуз, при што ги интерпретираат на нивен оригинален начин класичните рок и блуз мелодии, како и одредени балади на The Mini.Адам Терек не само што е мајстор на блузот и рокот, туку е исто така мајстор да создаде неверојатна атмосфера на сцената од моментот кога ќе стапне на неа…

Д МОЛ ПЕК е македонски бенд формиран 2008 година  кога  блуз сцената во Скопје беше скоро непостоечка. Имаше многу малку бендови кои свиреа музика со влијанија од блузот. Во тоа време, доста спонтано, мала група на блуз фанови и музичари почнаа меѓусебно да се дружат. Тие го поминуваа времето зборувајќи за нивните музички херои, споделувајќи ги нивните музчки искуства, како и разменувајќи гитарски lick-ови и техники. Како што поминуваше времето, тие почнаа да џемаат заедно во локални барови и пабови, што на крајот доведе до основање на неколку бендови. Еден од тие бендови е “The Mole Pack”.

Основан од тесно поврзана група на пријатели, “The Mole Pack” е блуз-рок бенд кој има силни влијанија од прогресивната блуз-рок сцена од 1960-тите. Дополнително влијание има од раната Мисисипи делта сцена и блуз сцената во Чикаго. Името на бендот има доста симболично значење. Кртот е животно кое е скоро слепо. За неговиот недостаток на вид компензира потпирајќи се на своите чувства, инстинкти, и интуиција. Преку аналогија, членовите на бендот мислат дека луѓето треба да се обидат повеќе да се потпираат на своите чувства, т.е. да го слушаат своето „внатрешно јас” со цел да го збогатат својот дух, како и да ги задоволат своите интереси и желби без страв од неуспех. Членовите на бендот веруваат дека ова може да им помогне на луѓето да излезат од секојдневната рутина на модерниот живот.

Без разлика дали се работи за интерес за музика, филм, било кој вид на уметност, наука, или филозофија – бендот ве тера да „копате” по работите кои ги сакате. „Дружете се, сакајте се, и слушајте добра музика.” – велат „кртовите.” Бендот го објави својот прв студиски албум “Gambling Man” летото 2018 година, а во мометов работи на вториот авторски албум.

Билети може да се купат  онлајн на https://www.karti.com.mk/ или во  билетарата на Станица 26 пред почнување на  концертите.