дома Живот Братска средба на Димче и Борче Илиевски-македонски шаховски легенди

Братска средба на Димче и Борче Илиевски-македонски шаховски легенди

46
Во среда на 20 јуни македонското здружение за култура и обичаи, “Гороцвет” од Скопје, во соработка со Македонски железници, која одбележува 145 години постоење, организира необичен и несекојдневен настан “Братска средба на Димче и Борче Илиевски-македонски шаховски легенди”.
Настанот ќе содржи Симултанка во воз, од Скопје до Битола, на велемајсторот Димче со патниците. Во рамките на програмата патниците во современиот воз ќе може да го погледаат документарен филм со Димче и Живко Поповски Цветин, реализиран од Тв Телма, и неколку документарци од МТВ посветени на познатиот хуманитарец и уметник, Цветин.
Дел од програмата ќе бидат шахистите Сашо Ефтовски од МЖ и Никола Николовски млад интермајстор, Столе Костадинов, Ненад Баткоски, поетесата Анита Бошкова, поетесата и новинарка Валентина Ѓоргиевска Парго и младата актерка Аница Бебиќ. Во Битола на пладне ќе засадат дрвото Гинко во паркот на лајонизмот, а потоа во паркот Магнолија се среќаваат Димче и неговиот брат Борче, на кого Цветин ќе му подари насликана уметничка цветна шаховска табла. Тука ќе се одигра симултанка со десетмина шахисти од Битола, збогатено со поетски и актерски перформанси.
Во рамките на настанот ќе биде промовирана монографијата за Димче, “Димитар Илиевски- Македонска шаховска легенда”. Со пуштање на пет мироносни балони со порака за мир, организаторот “Гороцвет” иницира овој ден да стане Светски ден на мудроста. Авторот Цветин, ќе подари 64 цветни шаховски полиња на патниците учесници во возот и во Битола.
Екипата денеска беше примена во депото на Македонски железници, од страна на директорот на Патнички сообраќај на МЖ Саша Јовановски, Марјан Петрушевски од Инфраструктура, сектор сообраќај. За успешноста на овој доброволен и добротворен настан покрај Македонски железници, се погрижија и лк. “Вардар”-Скопје, “Хераклеја” и “Кабадаја”-Битола, Здружение на медициски сестри, техничари, акушерки и стоматолошко сестри, Црвен крст Битола, Здружение на пензионери Битола, издавачка куќа “Бата прес”, ИНФЕ Македонија, господинот Марјан Талев, Коста Папастеревски, Томе Гинко.