Пишува: Сунчица Уневска

Друштвото на филмски работници, кое веќе одамна самостојно си го присвои Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“, реши дека оваа година фестивал не треба да има. Се разбира, не пишува така во нивното соопштение, испратено дури во јули, но исто како да пишува…

Првенствено е недозволиво овој фестивал кој постои 40 години да го прескокне редовниот термин за избор на директор (на кого мандатот му трае две години), кој досега се одржуваше во март. Иако, рака на срце, и тоа е предоцна за професионално подготвување на филмски фестивал кој се одржува во септември. Сите кои ги следат филмските фестивали, знаат дека работата на следното издание започнува по завршување на претходното. Како и да е, Друштвото си реши дека оваа година му е поважно да си одбележи 70 години постоење, отколку парите да ги дава за фестивал. А како одличен изговор им дојде целата состојба со коронакризата.

Така, на 1 јули беше испратено соопштение дека конечно е избран новиот директор, односно дека е реизбрана претходната директорка на фестивалот, која и единствена се пријави на конкурсот за избор на директор, Гена Теодосиевска. Мора да се каже дека ова беше дотолку почудно, што Теодосиевска успеа изминативе две години да направи навистина успешни и доста збогатени изданија. Па сепак, изгледа одлуката за единствениот пријавен „не била лесна“. Плус нели, имаме коронакриза…

Во соопштението на ДФРМ е наведено дека 41. издание на „Браќа Манаки“ нема да биде традиционално, со гости и со програма „со оглед на фактот дека и големите филмски фестивали  од ‘А’ категорија, како што се Канскиот, Карлови Вари, Локарно и други биле откажани“. Што апсолутно не е точно. Сите овие фестивали со оглед на состојбата се префрлија на онлајн платформите и направија сериозни програми, со гости, со награди, со користење на сите можности за да можат да го остварат она што е нивна цел и мисија. А тука спаѓа и индустрискиот дел, во кој исто така се водеше сметка и за новата продукција, копродукција, тренинзи, мастеркласи итн, итн. А тоа го направија не само големите фестивали, туку и малите, работејќи напорно исто како и досега, а за што според податоците што ги добиваме, имаа и огромна публика. Тука е и иницијативата „Сите сме едно“, за која имаме во овој број на ФИЛМ+, а која исто така понуди десетдневно онлајн издание во кое се вклучија дваесеттина филмски фестивали од цел свет со свои програми.

Фестивалот „Браќа Манаки“ се одржува во септември, така што имаше и има погодни можности многу од содржините да ги реализира и на отворено, а секако и онлајн. Па сепак, во нивното соопштение пишува вака: „Формата на одбележување на годинешното издание на фестивалот ‘Браќа Манаки’ треба да кореспондира со вредноста на фестивалот и заради тоа ќе се вложи креативна енергија и напори за истата да се зачува???“. Бидејќи воопшто не ни е јасно што треба ова да значи, единственото со што се согласуваме е дека фестивалот има вредност која навистина требаше да се зачува, а тоа значи професионалност, континуитет и работа. А со оглед на тоа што очигледно нема ни П од професионалност, туку има бесмислено објаснување дека ДФРМ заедно со староновиот директор „ќе се обидат да изнајдат начин за достоинствено одбележување“?????, се обидовме да добиеме објаснување од директорката Теодосиевска (како што е и редот) какви се плановите за одржување (или одбележување) на 41. издание на „Браќа Манаки“.

„Не сум среќна со одлуката на Управниот одбор на ДФРМ, се надевам дека ни тие не биле среќни кога ја донеле, но ќе ја испочитувам. Времињата се ‘темни’, непредвидливи, пандемијата ги загрозува нашите животи, нашето здравје, ги ограничува нашите социјални контакти. Според нивната одлука, фестивал нема да има, гости нема да има, проекции нема да има, но ќе се одбележи 41. издание на ИФФК ‘Браќа Манаки’“, ни одговори Гена Теодосиевска.

Но, што значи тоа? „Тоа значи дека ќе подготвиме настан во Битола, ќе ги доделиме највисоките фестивалски награди, ќе организираме онлајн средби и мастеркласи со добитниците, кои ќе бидат достапни за пошироката јавност и за медиумите, а секако и за меѓународната филмска критика“, објаснува директорката за претстојното септемвриско издание. Како што рече, во сите овие активности ќе бидат вклучени и нивните партнери: општина Битола, Агенцијата за филм, Кинотеката, „Вардар филм“ и Асоцијацијата на директори на фотографија, ИМАГО.

„Очекуваме, изјави Теодосиевска, наскоро да имаме онлајн средба со новиот претседател на ИМАГО, Кејс ван Острум, со кого би разговарале за предлог на теми и прашања што ги засегаат филмските работници, а особено директорите на фотографија, во овие тешки времиња за филмската уметност и за филмската индустрија. Преку фестивалската веб-страница и страницата на фејсбук ќе подготвиме интересни содржини за споделување и сигурна сум дека нашите долгогодишни пријатели, поддржувачи, филмаџиите, љубителите на филмот, публиката и критиката со задоволство ќе ги посетат.“

Сите меѓународни филмски фестивали се прилагодуваат на ново-настанатата состојба предизвикана од Ковид-19. „Токму затоа, продолжува Теодосиевска, мојата најоптимистичка варијанта беше да одржиме проекции само на компетитивната филмска програма, на отворено, во пациото на Музејот во Битола, запазувајќи ги и почитувајќи ги сите заштитни мерки и протоколи, кои беа донесени од Владата во однос на подготовката и организирање на масовни манифестации и настани. Но, тоа би било веќе фестивал, нели!?“ Додека, како што истакна, за поставување на програмата на интернет платформа не размислуваат од проста причина што сметаат дека спецификата на фестивалот, а тоа е оценување на естетиката на работата на снимателите, може да се спознае само преку проекции на големото платно.

Според инструкциите на Агенцијата за филм активностите се минимизирани, побарувањата на буџетските средства се сведени на минимум и по објавувањето на одлуката на Агенцијата, ќе можат сите работи да се допрецизираат.

И тоа е нешто!? Теодосиевска за сите овие работи има два месеца, па ќе видиме на кој начин, заедно со ДФРМ, ќе го „одбележуваат“ фестивалот во истиот месец кога ова филмско здружение ја слави и својата 70-годишнина.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.