Утревечер, на 6 декември, со почеток во 22 часот, во ноќниот клуб „Станица 26“, концертната агенција и продукција „3 Гонга“ ја претставува градската сесија со „Д Хагис Хорнс“, фанк сензацијата од Велика Британија. Бендот кој доаѓа во полн состав, во последен момент одлучи да дојде во Скопје со двајца вокалисти, кои не се дел од бендот, Џон Меккалам и Лусинда Слим.

Овие седум екстравагантни обучени џез музичари во живо звучат и подобро отколку на самите студиски албуми. Нивната музика е комбинација на брејк бит фанк, хип хоп, афро бит и џез. На оваа група докажани музичари и не им е потребна помпезна најава, земајќи предвид дека досега соработувале со музичари како Џамироквај, Џон леџенд & Д Рутс, Ејми Вајнхаус, Тејк дет, Марк Ронсон, Марта Ривс, Рутс Манува, Лу Доналдсон, Елбоу, Адел, Роби Вилијамс, Дјуран Дјуран, Craig Charles Presents The Fantasy Funk Band, Д Синематик Оркестра, Лиза Стенсфилд, Кано, Естел, Лили Аленn… Тие се во првите редови на фанк сцената во Велика Британија. Од 2004. година па наваму имаат издадено 4 студиски албуми и тоа “Hot Damn!, “Keep On Movin” (First Word Records), “What Does A Mind” (Haggis Records) и неодамна објавениот „One of these days“ исто така за Haggis Records, и преку десеттина објавени синглови. Седуммината музичари ги сочинуваат: Kenny Higgins, Malcolm Strachan, Rob Mitchell, Atholl Ransome, Erroll Rollins, George Cooper и Ben Barker. Билетите се веќе во продажба на „Купи карти за се“.